Индонезиската зоолошка градина успешно одгледува комодо-гуштери, познати и како комодо-змејови, во обид да го спаси од истребување најголемиот гуштер на светот, за кој климатските промени претставуваат дополнителна опасност.
Џиновските гуштери, кои поради својата големина и агресивно однесување ги следат голем број митови и легенди уште од античко време, живеат во нивното природно живеалиште, на островот Комодо и на неколку соседни острови во источна Индонезија.
Некои митолошки експерти веруваат дека овој вид гуштери послужиле како инспирација за приказните за митолошки змејови што плукаат оган и киднапираат принцези и дека сите средновековни приказни за змејови всушност потекнуваат од островот Комодо. Бидејќи кинеските морнари пловеле по водите на денешна Индонезија во античко време, тие донеле приказни од нивните патувања за големи ѕверови, кои подоцна биле преземени и веројатно прераскажани од арапските трговци, а преку нив и во остатокот од светот.

Во септември, Меѓународната унија за зачувување на природата го вклучи змејот комодо на Црвената листа на загрозени видови, наведувајќи ја зголемената закана за нивното постоење од климатските промени. Глобалното зголемување на нивото на морето се очекува да ги намали живеалишта на комодо-гуштерите за најмалку 30 отсто во следните 45 години, предупредуваат експертите.
Вработените во зоолошката градина „Сурабаја“ се надеваат дека нивните напори за спасување на овој вид гуштери ќе им го привлечат вниманието на светските лидери собрани на самитот во Глазгов и ќе ги охрабрат да преземат што поголеми чекори во борбата против климатските промени. Од започнувањето на програмата за размножување гуштери, зоолошката градина ја зголемила својата популација на 108 возрасни и 35 младенчиња, а во моментов има уште 40 јајца во фаза на инкубација.
– Се надеваме дека ќе можеме успешно да ги одгледуваме и дека со овој проект ќе обезбедиме идните генерации да имаат можност да ги видат во реалниот живот, а не само на слики – рекоа од зоолошката градина „Сурабаја“ во Индонезија.