Жителите на една област во индиската држава Керала имаат можност да добијат паричен надомест доколку не ги исечат дрвјата на нивните имоти, за да се намали ризикот од уништување на шумите, пишува „Гардијан“. Во последниве години Керала се соочи со пад на земјоделскиот сектор и со уништување на шумите, што доведе до губење на биодиверзитетот, но и со климатски промени што предизвикуваат значително зголемување на температурата.
Поради многу од овие проблеми, кои всушност ги намалуваат условите за заработка, земјоделците се принудени да ги сечат дрвјата од своите имоти за да заработат дополнително пари. Поради тоа, идејата на Владата е да ги мотивира, при што им нуди опција три години по засадувањето на дрвото да можат да го стават под хипотека за бескаматен заем, што може да се обновува годишно за 10 години. Парите треба да се вратат само ако сопствениците го исечат дрвото. На тој начин жителите имаат поттик да ги чуваат дрвјата што се веќе на нивните ниви, но и да засадат нови.

Според планот, на граѓаните ќе им бидат исплатени 50 рупии (околу 0,5 евра) по дрво. Кога ќе се сумира сѐ, јасно е дека проектот за банкарство за дрвја, помогнат од неповратната помош на државната влада во износ од 1.114.104 евра, претставува значителен стимул за граѓаните да не сечат дрвја. Претседателката на локалната самоуправа на областа Минангади, каде што се спроведува проектот, Бина Вијајан, посочува дека поттикнувањето на засадувањето дрвја е само првиот чекор.
– Ова е модел на проект за целата област Вајанад. Го активиравме пред три години, кога подготвивме расадник со 33 вида садници во рамките на националната шема за грантови за вработување на село. Засадивме 300.000 садници во 250 дома во Минангади и заедничките области – рече претседателката на локалната самоуправа.