Организаторите на полумаратонот во Шенжен, Кина, велат дека 258-те учесници што мамеле во текот на трката нема да ги избегнат санкциите за нивните нечесни постапки, пренесува „Гардијан“. Осумнаесет маратонци носеле лажна опрема, а тројца трчале во име на друг. Тие добија доживотна забрана за учество на вакви спортски настани. Останатите 237 измамници биле фатени од локалните сообраќајни камери и од фотографите како претрчуваат преку грмушки еден километар порано од предвиденото место, скратувајќи 2,4 километри од патеката долга 24 километри.

– Многу ни е жал поради прекршените правила за време на полумаратонот. Маратонското трчање не е само вежбање, туку претставува метафора за животот. Секој учесник треба да има чувство за одговорност – соопштија организаторите на трката.

Некои од организаторите на маратонските трки употребуваат технологија за препознавање на лице, со цел да ги надгледуваат учесници за време на трките.
Други пак, користат електрични чипови во опремата, кои го регистрираат резултатот на тркачите откако тие ќе поминат по поставените сензори на патеката.

Маратонските трки и рекреативното трчање стануваат многу популарни, и покрај големата загаденост на воздухот. Во 2011 година беа одржани 22 трки од ваков карактер, а таа бројка значително се зголеми на 1.100 трки годинава, информираат  од Кинеското атлетско здружение.