Ентони Рап

Актерот Ентони Рап и уште еден маж со иницијали Си Ди (Ц.Д.) поднеле тужба против Кевин Спејси, обвинувајќи го за сексуални напади што се случиле во осумдесеттите години кога биле тинејџери, пренесува агенцијата „Асошијетед прес“.

Рап, кој глумел во претставата „Кирија“ на Бродвеј и во ТВ серијата „Ѕвездени патеки: Дискавери“, првпат јавно прозборе против оскаровецот Спејси во 2017 година, што придонесе и други да се осмелат да кажуваат, со што одеднаш кариерата на Спејси да заврши.

Во тужбата поднесена до Врховениот суд во Менхетен, Рап детално тврди дека постариот актер сексуално му пристапил кога тој присуствувал на забава како тинејџер. Кога Рап за првпат јавно го обвини Спејси тој веднаш објави соопштение во кое истакна дека не се сеќава на средбата, но упати и извинување.

Другиот тужител со иницијали Си Ди(Ц.Д), тврди дека го сретнал Спејси како тинејџер на часови по глума и дека Спејси го канел во неговиот стан во повеќе наврати, кога се впуштил во сексуални дејствија со него. Во тужбата, тој објаснил дека Спејси се обидел да го нападне сексуално за време на неговата последна посета.

Не е прецизирана отштета што се бара во тужбата.

Откако обвинувањата почнаа да се појавуваат во јавноста, Спејси бил обвинет од повеќемина. Минатиот октомври, обвинителите во Лос Анџелес отфрлија случај со сексуален напад затоа што тужителот починал. Во јули годинава, обвинителите во Масачусетс го отфрлија обвинението против Спејси, откако осумнаесетгодишното момче кое го обвинило одбило да сведочи.