Продуцентот на филмот „Медена земја“, Атанас Георгиев, на денешната прес-конференција рече дека екипата не е разочарана што не ја доби статуетката „оскар“ ниту во двете категории во кои беа номинирани.

– Меѓу нас знаеме да си кажеме дека двете номинации се повеќе од еден „оскар“. Не сме разочарани од тоа што не добивме „оскар“. „Американска фабрика“ е одличен документарен филм и сосема е во ред што го добија „оскарот“. Не треба да влегуваме во размислување за некои теории на заговор, дека „оскарот“ е добиен поради тоа што зад филмот стои брачниот пар Обама, но јасно е дека оние кои гласале секако биле малку пристрасни кон филм кој е американски – рече Георгиев на прес-конференцијата.

Според Георгиев, искуството со филмот и тоа што стигна до Холивуд му покажало дека во животот ништо не е невозможно и дека секој треба да биде мотивиран да го живее својот сон за да успее.

Членовите на екипата уште долго нема да се вратат во Македонија поради нови работни ангажмани.