Ед Ширан најави дека ќе направи пауза и од работата и од социјалните мрежи. Овој британски музичар изјави дека се решил на овој чекор за да патува по светот, да чита, да се забавува и да си посвети време само за себе и за семејството. Исто така, најави дека ќе се врати со нова музика кога ќе дојде време за тоа.

Тој истакна дека е фокусиран на својата кариера од 2007 година и оти е време за пауза и за нови искуства, за да има за што да пишува во своите песни.
Оваа изјава дојде по завршувањето на уште една успешна година, која кулминираше со фактот дека познатиот британски пејач и официјално е прогласен за уметник на деценијата од „Офишал чартс компани“.

Минатата недела Ширан го објави спотот за песната „Put It All On Me“, што ја реализираше со Ела Маи, во која се гледа како танцува во кујна со сопругата Чери Сиборн. Ширан, кој во февруари ќе наполни 29 години и во 2015 г. извесно време се повлече од социјалните мрежи, изјавувајќи дека „светот го гледа преку екранот, а не со своите очи“. Најавата за повторното повлекување дојде набргу откако Ед основа хуманитарна музичка фондација за помош на младите музичари во своето родно место Суфолк.