На 6, 7 и 8 мај во МКЦ ќе се одржи деветтото издание на фестивалот на свежа домашна музика „Земјотрес“. Првиот ден настапуваат Дина Јашари и Перија, а во наредните денови, со почеток од 19 часот, настапи ќе имаат „3џект“, „Локал блу“, „Александар Велики“ и „Кантон6“.
Билетите по цена од 200 денари се достапни на билетарницата во МКЦ. Настанот ќе биде организиран во согласност со протоколите за организирање настани во затворен простор. Бројот на посетители е намален (70 седишта), носењето маски е задолжително за време на целиот настан. Фестивалот е поддржан од Град Скопје.
– Градот е под опсада. Ја викаат пандемија. Ја викаат страв.

Баш мислевме што да направиме. Мора нешто да се направи, почна да нѐ боли газот од седење. Помисливме, ајде да испровоцираме серија микропотреси, онакви мали земјотреси што удираат секои два-три месеци, колку да нѐ потсетат дека сме живи. Да потврдиме дека сме живи, а? Да се сетиме дека сме музика. Серија мали, мааали, малечки концерти, по два на ден во три дена. Колку да не му се тресеме на стравот и да ѝ се насмееме на опсадата директно во глупавото лице – велат организаторите во најавата за фестивалот.
Фестивалот, како што велат, е прослава на живата култура и младешката енергија, која му пркоси на концептот на деструкција.