Фото: Зоран Антоски

Кичевската музичка сцена последниве две години е побогата за уште еден млад музички трап-изведувач, Дарио Нестороски, кој со музика почнал да се занимава на 13-14 години, со првата демо снимка. Негови идоли на македонската музичка сцена се 2-Бона, Таско и Тракер, а поетичниот Дарио во песните се јавува и како текстописец, додека музиката за истите ја создава неговиот продуцент, Христијан Ѓорѓијоски.

Полн со инспирација за песните што ги пишува, и за кои тематиката ја црпи од секојдневното опкружување. Спотовите се снимени по негова идеја, на најатрактивните локации вои околу Кичево. Досега сними 16 песни и неколку спотови. Вистинската афирмација ја стекна минатата година кога ја сними песната „Што се прави“ и песната која годинава ја сними кај Тракер, со наслов „Само вози“. Негова најнов проект е песната „Гори“.

– За се што работам имам јасна претстава и сопствена визија. Сум настапувал повеќе пати во родниот град Кичево, по кафулиња, на хуманитарни концерти и на други места и поводи. Никогаш не се задоволувам со оствареното и затоа продолжувам со напорна работа со сопствени сили и лични средства. Моментно во подготовка ми е летниот хит со работен наслов „Времето“, кој планирам да го промовирам кон крајот на летото. Причината да го засакам овој вид на музика лежи во секојдневните случки и редовното слушање на ваков вид музика. Тоа ме поттикна да започнам да создавам нешто свое, да снимам уште подобри и поквалитетни нумери и да станам значајно име на македонската музичка сцена – најави младиот Дарио, кој целосно е посветен на музиката и не жали средства и време, за да го оствари својот животен идеал во областа на музиката. З.А.