Американската компанија „Гугл“ планира да инвестира една милијарда долари во Африка во следните пет години, за да обезбеди пристап до побрз и поевтин интернет, пренесува „Ројтерс“.
– Возбуден сум што ќе ја потврдам нашата посветеност кон континентот преку инвестиција од една милијарда долари во текот на пет години за поддршка на дигиталната трансформација на Африка, за да се исполнат низа иницијативи, од подобрување на поврзаноста до започнување инвестиции – рече Сундар Пичаи, извршен директор на „Гугл“ и на „Алфабет“.
„Гугл“, исто така, ќе им помогне на новоформираните компании да ја поддржат дигиталната трансформација на континентот, објави компанијата. Информацијата беше потврдена на виртуелен настан на Африканскиот инвестициски фонд, преку кој „Гугл“ ќе инвестира 50 милиони долари во новоформираните компании.
Во соработка со непрофитната организација „Кива“, „Гугл“ исто така ќе обезбеди заеми со ниски камати од 10 милиони американски долари за да им помогне на малите бизниси и претприемачите во Гана, Кенија, Нигерија и во Јужна Африка да ги надминат економските тешкотии предизвикани од ковид-19 – пренесе „Танјуг“.