Според пресметките на НАСА, во Европа помеѓу 1100 и 1200 година имало седум целосни затемнувања на Месечината. Многу хроничари од тоа време ги запишувале таквите настани, а еден од нив го опишал најтемното замрачување што се случило во мај, во 1110 година.
Оттогаш научниците ги интересира што се случило, зошто затемнувањето било толку таинствено и силно, пишува списанието „Сајенс алерт“.

– Очигледно се работело за црно помрачување на Месечината, кога таа ќе стане целосно невидлива, наместо да сјае со познатиот бакарен сјај – напишал неколку века подоцна познатиот англиски астроном Џорџ Фредерик Чејмберс.
Чејмберсовата претпоставка од 19 век денес се покажува како неточна, откако научниците земајќи примероци од сантите марз од пред 100 години, заклучиле дека вистинската причина се наоѓа во џиновски облак полн со сулфурни честички исфрлени за време на некоја од вулканските ерупции, кој во тој миг летал низ стратосферата. Поради облакот, небото со месеци, дури и со години, изгледало темно.

Научниците сметаат дека за честичките сулфур во воздухот причина бил јапонскиот вулкан Асама, кој во 1108 г. имал повеќемесечна ерупција.
– На врвот се појавил оган, а околината ја прекрил дебел слој пепел. Оризовите полиња не можеле да се обработуваат. Никогаш не сме виделе такво нешто. Многу чуден и редок настан – стои во едно јапонско сведоштво.

Стручњаците исто така открија низа сведоштва што зборуваат за глад и неповолно време во добата на ерупциите на вулканот Асама, помеѓу 1108 и 1110 година, кои на човештвото му донеле низа несреќи.