Првпат по десет години, една од најпосетуваните страници на интернет, Википедија, добива нов дизајн, пишува „Си-ен-ен“.
– Иако содржината на страниците на Википедија постојано расте брзо, интерфејсот не се развива со иста брзина – вели Олга Василева, раководителка на проектот на фондацијата Викимедија.
Од нејзиното лансирање во 2001 година, онлајн енциклопедијата има објавено повеќе од 50 милиони статии и е достапна речиси на 300 јазици.
Меѓу промените, корисниците можат да очекуваат ново лого, пофункционално пребарување, полесна промена на јазикот и можност за криење на подменито. Поради комплексноста и големината на проектот, Википедија ги предупредува корисниците дека на почетокот може да има софтверски грешки.
Иако промените се обид за модернизација на страницата, идејата е дека по целосниот редизајн во 2021 година, популарната база ќе го задржи истиот познат стил.