Новиот хуманоиден робот е производ на британската компанија „Енџениард артс“. Станува збор за робот што е „опасно“ сличен на човек и е способен да демонстрира низа речиси реални човечки изрази на лицето. Од компанијата велат дека Амека е совршена хуманоидна роботска платформа за интеракција човек – робот. Во снимката, објавена на Јутјуб, се гледа роботот во „акција“ и докажува дека тврдењата на компанијата не се претерани.
Сивата машина е слична на ликовите од филмот „Јас, робот“ и може да прикаже низа човечки емоции придружени со реални движења на очите. Се чини дека во овој случај тоа е програмирана демонстрација, Амека се буди, па љубопитно ги гледа рацете, а потоа изгледа изненадено кога ќе забележи дека го снимаат.
„Емотивниот“ робот е веќе достапен за купување и изнајмување. Моментално е во форма на стационарен модел, но програмерите планираат да го подобрат и ветија дека Амека еден ден ќе оди.