Автор: Даниел Бофи
(Гардијан)

По улиците во Амстердам ќе се постават мини-градини околу кантите за отпадоци како дел од експериментот за да се види дали луѓето ќе престанат да фрлаат ѓубре околу нив. Идејата ќе се спроведе на 17 локации во наредните три месеци.

Еден првичен експеримент со помош на поставување на вештачка трева под 150 канти за отпадоци беше делумно успешен, при што двојно се намали фрлањето ѓубре во нивна близина, но сепак остануваше ѓубре наоколу.
Градскиот советник Рик Вермин порача дека властите се надевале дека тревата и цвеќињата имале за цел да „ја кренат свеста“ кај можните загадувачи и да се исчистат улиците во Амстердам.

Главната загриженост на градскиот совет за експериментот беше дали градините ќе бидат пречка за собирање на отпадот. Проблемот со отпадот околу јавните канти стана актуелен откако се воведоа рестриктивните мерки поради пандемијата на коронавирусот и луѓето кои работеа од дома многу почесто нарачуваа храна преку достава и притоа се фрлаше повеќе ѓубре.
Жителите, исто така, не сакаа да се приближуваат и да ги допираат контејнерите поради опасноста од зараза, а исто така комуналните служби не го собираа ѓубрето толку често што придонесе за преполнување на кантите.
Уличните канти за отпадоци во Амстердам ги користат минувачите и околните жители. Градот мораше да контактира две приватни фирми за да се собере дополнителниот отпад, а властите се пожалија во медиумите за однесувањето на граѓаните.
– Навистина ми е мака да чистам постојано зад сите жители на Амстердам. Сите можат да носат ракавици и не постои причина за да го оставаат ѓубрето на улица. Не можеме повеќе вака. Мора заедно да се справиме со кризата – порача советникот Лоренс Ивенс.

превод: Билјана Здравковска