Иако досега се објавени безброј биографии на славната Мерлин Монро, а ништо ново и револуционерно не е откриено, секс-иконата останува загатка што секогаш ѝ го привлекува вниманието на јавноста. Чарлс Касило, биографот роден по смртта на Монро, инаку глумец, писател, новинар и драматург, подвлече некои детали што порано се прескокнувале.
Тие се однесуваат на инсинуациите за филмот и за Холивуд како средишта на висока проституција, која им служела на моќниците во Вашингтон, како и на тогашниот претседател Џ.Ф. Кенеди и неговиот брат, државниот обвинител Роберт. Благодарение, се разбира, на високи посредници.
Приказната за нивниот однос со Монро стана чувствителна тема, затоа што фрлаше светло на вистинската Америка. Сепак, се разјасни дека глумицата била во врска со двајцата, а посредничка била сестрата Патриција, мажена за глумецот Питер Лофорд. Во таа приказна Мерилин е вовлечена како жртва на својата ментална болест, злоупотребата на лекови, притисокот од пријателите и самотијата, како што наведува биографот.
Еден од помалку познатите факти за актерката е дека фустанот што го носела за популарниот настап на роденденот на претседателот Кенеди бил толку тесен, што морал да се шие на неа. Мерлин не носела ништо под фустанот. Подоцна во 1999 година бил продаден на аукција за 1,26 милион долари и станал најскапото продадено парче облека дотогаш.