Како последица на заразата од супербактерии отпорни на антибиотици секоја година умираат околу 33.000 Европејци, според податоците на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) во чиј извештај се наведува дека тие болести се споредуваат со смртните последици од грип, туберколоза и ХИВ заедно.

Во анализата на ЕЦДЦ, бројот на инфекции отпорни на супербактерии се повеќе се зголемува, а евидентирани се голем број бактерии кои се отпорни и на најмоќните антибиотици од групата карбепенема-ЦРЕ. Станува збор за опасни и тешко излечиви ентеробактерии, резистентни и на најмоќните  антибиотици  меѓу хоспитализираните пациенти каде речиси е невозможно лечењето на инфекциите.

Карбапенеми се бета-лактамски антибиотици со широк спектар на делување и се последна линија на одбрана кај резистентните бактерии. 

Супербактериите се шират со огромна брзина, а најчеста причина е претераната употреба на антибиотици во одделите за интензивна нега, каде се лекуваат тешко болните пациенти. 

Стратегијата за спречување и контрола на бактериите отпорни на антибиотици налага координирана активност на ЕУ и Европската економска област (EEA) на глобално ниво, но имајќи ги предвид различностите на случаите се наметнува индивидуалнен пристап прилагоден кон секоја држава пооделно.

Лесната достапност, препишувањето без адекватна индикација и претераната употреба на антибиотици во земјоделството ја предизвикаа појавата и ширењето на овие бактериски видови. Денес голем број бактерии во својот ген содржат поголем број гени кои се резистентни и отпорни на различни класи антибиотици.

Истовремено, поедини причинители во блиска иднина можат да станат резистентни на сите достапни антимикробни лекови, поради кои експертите предупредуваат дека се приближуваме на т.н. постантибиотска ера.

Ф.К.Л.