Дали мажите полесно ја губат телесната тежина од жените? За сите жени што се прашуваа дали оваа неправда е мит или вистина, одговорот е да, за жал, тоа е вистина. Причините се многубројни. Од психолошка гледна точка, мажите имаат помалку проблеми со емоционално прејадување. Од физиолошка страна, пак, еволутивно, за да можеле да ловат, на мажите им бил потребен поголем процент на мускулна маса, а колку има повеќе мускули толку е побрз метаболизмот.
Од друга страна, естрогенот кај жените придонесува за акумулација на масни наслаги. Масните наслаги исто така се дистрибуираат различно кај жените и кај мажите, што доведува и до визуелна разлика.
Според распоредувањето на масното ткиво, постојат два вида дебелина: женско (во облик на круша) и машко (во форма на јаболко). Со дебелината во облик на круша, масните наслаги имаат тенденција да се акумулираат во долниот дел од телото – карлицата и бутовите. Додека во случај на дебелина во облик на јаболко, масното ткиво се таложи во поставата на рамената, градите и абдоменот.