Дебелиот Крај: Наско Џорлев и Симе Златков

Дебелиот Крај е скеч-дуо составено од двајца другари Симе Златков и Наско Џорлев. Тие решија да прават скечеви и да ги објават на Интернет, па така го создадоа Дебелиот Крај во 2016 година. Тие се Вашите нови и втори најомилени шегаџии. Интересите им се состојат и вклучуваат скечеви и храна. Тие неодамна го прославија нивниот втор роденден, а исто така ги изненадија обожавателите со свој промо-материјал, па испринтаа маички со логото на Дебелиот Крај. Симе и Наско одговорија на неколку интересни прашања во неодамнешен разговор за „Нова Македонија“.

За почеток, колку килограми треба да имате за да бидете дел од Дебелиот Крај?
– Доволно колку за во лифтови да се рачунаш за човек и пол.

Според Вас, што ви е спиритуално животно?
– Змија. Ем лежиш, ем одиш.

Доколку некогаш Ве уапси полиција, за какво злосторство ќе бидете уапсени?
– За лоши мемиња и лош хумор.

Според Вас, што претставува Интернет?
– Интернет е поле за културен натпревар меѓу народите.

Што мислите, кој е најнепотребниот дел од човековото тело кое не треба да постои?
– Влакна на рацете и на нозете.

Кој Ви е најомилен виц?
– Мамо мамо, денес ме врзаа за радијатор! – Заради што?

Кое е најсмешното македонско име?
– Цена. (видео во прилог)

Доколку сте научници и сè е дозволено, што би сториле?
– Би се запрашале што сме погрешиле толку во животот, ние како научници, да снимаме скечеви…

Ако некој сака да стане ученик на Дебелиот Крај, од што ќе се состои обуката? Ќе има ли некои комплицирани дисциплини кои ќе мора да се совладаат?
– Ќе мора да го победи Дебелиот Крај во турнир во карате!

Кое е најлудото верување кое го имате?
– Веруваме во Македонија како држава…

Најнепотребниот талент кој го поседувате?
– Решавањето на сложувалки на кои пишува „од 9-99 години“, за само три години.

Ако некогаш основате религија, во што ќе веруваат нејзините членови?
– Во бидувањето сељак во секој можен момент.

Дали рибите ожеднуваат?
– Сигурно, ако се надвор од вода, прилично брзо!

Ако некој пират има едно око, дали трепка или намигнува?
– Веројатно ќе направи фаца ако намигнува, а ако трепка ќе изгледа нормално.

И за крај, ако имате на располагање една желба, што би посакале?
– Повеќе желби! 
 
Членовите на Дебелиот Крај се добри музичари, покрај тоа што снимаат скечеви. Нивниот хит „Цена“ неодамна доби продолжение, кое се вика „Цена 2: Хаштаг профешнал“. Скечевите и нивните песни можете да ги најдете на нивниот јутуб-канал.