Поранешните наоѓалишта на јаглен во РЕК Осломеј за околу една година треба да бидат покриени со 10 мегаватна фотоволтаична мрежа. На таа локација ќе биде изградена фотоволтаична централа во која ќе бидат ангажирани околу 1000 вработени во „Осломеј“ откако ќе поминат соодветна едукација. Инвестицијата изнесува седум милиони евра, од кои 5,9 милиони евра заем од Европската банка за обнова и развој, а останатите сопствени средства на ЕЛЕМ.

– Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана е околу 15 гигават часови, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2000 домаќинства. Проектот е значен не само од аспект на енергетските вредности, туку и од социјален и еколошки аспект. Ќе се гради на веќе постоечкиот рудник во околината на РЕК Осломеј на 15 хектари земјиште кое треба да се рекултивира со нова фотоволтаична електрана – рече по потпишувањето на Договорот за заемот директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски.

Како што истакна директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД Хари Бојд Карпентер, проектот е еден од најважните и за Македонија и за регионот како целина поради иднината во обновливите извори на енергија.

– Порано велевме дека имате избор да имате чиста енергија и да имате евтина енергија. Тоа веќе не е случај, енергетскиот сектор се менува, соларната и ветерната енергија се менуваат секој ден и со добро организираниот пазар можете да имате и чиста и евтина енергија – наведе Карпентер.

Според вицепремиерот за економски прашања Кочо Аншѓушев, ова е пример како веќе заборавен објект како Осломеј кој со мали исклучоци скоро и да не работеше во последните години ќе се претвори од загадувачки во еколошки капацитет за производство на електрична енергија.

– Владата согласно Законот за енергетика со кој се отвори простор за инвестиции во обновливи извори на енергија ќе биде посветена за инсталирање колку што е можно повеќе мегавати инсталирана снага во обновливи избори на енергија кои, за жал, се единствениот енергетски ресурс во државата – најави Анѓушев, посочувајќи на податокот дека од сонцето досега се искористени само 16 мегавати.

Премиерот Зоран Заев исто така оцени дека се работи за исклучително еколошки проект заради тоа што преку државна инвестиција се става во функција сонцето како огромен ресурс.

– Значајно е што државата го повлекува првиот чекор во она што следи за инвестиции во над 200 мегавати фотоволтаици и фотонапонска мрежа за која се подготвуваат повеќе локации низ државата преку јавно приватно партнерство или концесија за сите заинтересирани за инвестиции во вакви енергетски обновливи извори – рече Заев.

Во енергетскиот сектор за годинава се најавени меѓу 250 до 300 милиони евра инвестиции. За првиот квартал се најавува почеток на распишување тендери за 200 мегавати инсталирани капацитети во фотоволтаици и на државно и на приватно земјиште. Со ЕБРД веќе се подготвува тендерската постапка. До крајот на годината треба да биде распишан и нов тендер со премиум тарифи за ветерен парк до 50 мегавати.

– Ќе почне и изградбата на далекуводот кон Албанија кој ќе чини околу 50 милиони евра, а ќе се испроектира и гасоводот кон Грција којшто ќе ги поврзе Македонија и Грција. Имајќи ги предвид овие проекти веќе имаме инвестиции од над 250 до 300 милиони евра во енергетиката – најави Анѓушев.