Со проекцијата на филмот „Нема да си сама“ на режисерот Горан Столевски, заврши 21. меѓународен фестивал на европски филм „Синедејс“. Под слоганот „Од високо подобро се гледа“ беа прикажани 50 филма, а куриозитет беше ексклузивната гала-селекција, на која беа прикажани филмовите од неодамна завршениот „Кански филмски фестивал“.
– Го отворивме и го затворивме фестивалот со две македонски режисерски имиња, Даријан Пејовски и Горан Столевски. Имавме ексклузивитет со проекции на канските филмови. Ни гостуваа регионални и европски режисерски имиња како гости. Полни проекции и работилници. Вака сумирани резултатите ни дозволуваат да бидеме презадоволни од овој „Синедејс“ и веднаш да се впуштиме во подготовка на новото 22. издание со овој стандард пред нас, кој ни покажува дека ние, тимот на МКЦ, можеме и знаеме – вели Маргарита Арсова, координаторка на „Синедејс“.
На затворањето на фестивалот беа доделени и наградите во двете фестивалски програми: официјална селекција и СЕЕ-селекција.
Во официјална селекција „златната ѕвезда“ ја доби „107 мајки“, во режија на Петер Керекеш. За авторовото чувствително и суптилно истражување и прикажување сложени ликови, за неговиот неосудувачки поглед, но во рамките на јурисдикцијата и за автентичниот пристап што го погодува гледачот со силно емотивно влијание. За прецизноста и амбицијата во филмски стил, кои се успешно и убедливо исполнети, притоа водејќи екипа од голем ансамбл, наградата за најдобра режија или „сребрена ѕвезда“ оди кај најлошата група патници од „Оркестар“, во режија на Матеуж Лузар. Пишувањето сценарио е еден од најтешките аспекти во процесот на снимање филм. Дотолку повеќе кога не само приказната туку и дијалогот има и ритам и рима со чија помош приказната се раскажува на уникатен и соодветен начин. Па оттука наградата за најдобро сценарио во официјалната селекција или „сина ѕвезда“ ја добива Александра Терпинска, за филмот „Други луѓе“. За динамичната изведба што ја истакнува суптилната темнина зад секоја невозможна желба, специјално признание добива Наталија Теодосиева, за нејзината главна улога во „Мими“ на Даријан Пејовски.

Специјално признание во СЕЕ-селекцијата оди за режисерот Иван Бакрач за филмот „По зимата“. За верен приказ на генерација што трага по сопствениот сексуален, политички и колективен идентитет и кохерентноста евидентна во неговиот убедлив дебитантски игран филм. Во патријархално општество чии темели биле изградени врз жртвите на безброј жени, замолчени и невидливи низ историјата, катарзично е да се биде сведок на хуманоста и издржливоста на жените денес, кои го враќаат она што отсекогаш и со право им припаѓало. Со своето повеќеслојно портретирање на човековата природа, чудесната камера и извонредната глума што ја доловува комплексноста на женскиот род со генерации наназад, ова филмско деби открива жесток нов глас од режисерка што силата ја гледа во тивките фигури. Наградата „златно сонце“ за најдобар филм ја добива „Вера сонува за морето“ на Калтрина Красниќи.