Жилиет Бинош ќе ја наследи Грета Гервиг како претседател на жирито на „Канскиот филмски фестивал“. Бинош е втората жена во историјата на Кан што го води жирито две последователни години. За улогата како претседателка на жирито во Кан рече дека „со нетрпение очекува да ги сподели овие животни искуства со членовите на жирито и со јавноста“.
– Во 1985 година за првпат се искачив по скалите со ентузијазам и несигурност на една млада актерка. Никогаш не замислував дека 40 години подоцна ќе се вратам со почесната улога на претседателка на жирито – продолжи таа, додавајќи дека ги цени привилегијата, одговорноста и апсолутната потреба за понизност.
Жилиет Бинош е една од најпознатите актерки во Франција и има меѓународна кариера, работејќи со еминентни автори низ светот. Нејзината работа е наградена со десетици признанија, вклучувајќи и „оскар“ за најдобра споредна женска улога за улогата во „Англискиот пациент“ во 1997 година и награда за најдобра актерка на „Канскиот филмски фестивал“ за улогата во „Заверена копија“ на Кјаростами во 2010 година. Нејзината кариера, која се протега над 40 години и вклучува 70 филма, започна кога ја доби својата прва главна улога во „Ранде-ву“ на Андре Тесин. Филмот беше премиерно прикажан во Кан во 1985 година, поради што Бинош често велеше дека е „родена на ’Канскиот филмски фестивал‘“.