Промовирана нова книга од Каролина Мицевска
Во присуство на голем број гости, роднини, пријатели, познати личности, деновиве во Прилеп беше промовирана книгата „Записи“ од Каролина Мицевска, дописничка на „Нова Македонија“ од Прилеп. Ова е втора нејзина книга. „Записи“ е вреден и траен документ – историја, за кој говореше м-р Елизабета Арсоска, посочувајќи дека текстовите во книгата отскокнуваат од просечноста, новинарски се прецизни и се стремат кон возвишеното.
– Во сите записи, во три целини, е содржан убавиот пишан збор на Мицевска. Сите до еден се напишани со несекојдневен израз, со баланс меѓу новинарското и креативното книжевно пишување, внесувајќи го читателот во интересни локации и пренесувајќи автентични приказни – рече Арсоска на промоцијата.
За Мицевска, која 20 години соработува со првиот македонски дневен весник, зборуваше главниот и одговорен уредник на „Нова Македонија“, Александар Димковски, потенцирајќи дека на секој весник му е чест да има соработник како Каролина, која е комплетен новинар – пишувач, фотограф, патописец.
– Најголем дел од текстовите во книгата се претходно објавени токму во „Нова Македонија“, како весник со најголема традиција во државата, кој со своите содржини отсекогаш бил инспирација за сите, но и симбол на креативниот, творечки дух, слободата на мислата и професионализмот во медиумите – истакна Димковски.
Промоцијата беше збогатена и со видеоприказ на дел од материјалите во книгата.