Фото: приватна архива

Златен медал во Њујорк за младиот пијанист Андреј Цековски

Во центарот за класична музика „ДиМена“ (The DiMenna Center for Classical Music) во Менхетен, Њујорк, пехар и златен медал му беа врачени на единаесетгодишниот музички талент, пијанистот Анреј Цековски од Скопје. Тој во март годинава учествуваше на интернационалниот музички натпревар во Њујорк и го освои првото место во категоријата „хоби класичен музичар“ (USA Classical Hobbyist). По тој повод, овој септември Андреј имаше настап на гала-вечерта заедно со другите млади музичари од Австралија, Канада, Кина, Полска, САД, Украина, Мексико, Романија, Црна Гора, Турција и од други земји што се носители на награди во разни категории.
Цековски учи во нижото музичко училиште „Илија Николовски-Луј“ во Скопје, во класата на проф. Марија Диманин Богоевска. Инаку, тој е шестоодделенец во ООУ „Блаже Конески“ во Скопје, а покрај посветеноста на музиката, тој е одличен ученик, добитник е на неколку награди на различни натпревари и тренира ракомет.


Драмското студио „Престиж“ од Ресен успешно се претстави во Хрватска

Од трети до седми септември во Славонски Брод, Хрватска, а во организација на „Сатирично казалиште младих“ (СКМ), се одржа Фестивалот на аматерски театри (ФАК) 2026. Македонија годинава беше претставувана од аматерското драмско студио „Престиж“, кое работи под закрила на Домот на културата „Драги Тозија“ од Ресен.
– Претставата „Маѓепсаното момче“ беше топло поздравена од присутната публика на фестивалската сцена, што за нас претставува особено значајно признание и потврда за вложениот труд и љубовта кон театарот – велат од студиото.
За учеството на фестивалот, на аматерското драмско студио „Престиж“ му беше доделена благодарница, како признание за присуството и придонесот кон фестивалската програма.


Самостојна изложба на Вероника Кочов во Битола

Oд 11 до 13 септември во „Магаза“, Битола, беше поставена изложбата „Која е супердевојката“ на седумнаесетгодишната Вероника Кочов.
Таа го изразува својот свет преку боите и формите, поканувајќи ја публиката сама да открие која е таа супердевојка. Настанот е во организација на „Порака нова“ и НУ „Завод и музеј“-Битола.


Четвртоодделенците од ООУ „К. Охридски“ од Прилеп рачно изработија разгледници за почетокот на учебната година

Одделенската наставничка Катерина Макалоска со цел да ја покаже вредноста на разгледниците, кои денес се заменети со магнети од патувањата, за почетокот на учебната година во своето одделение иницирала работилница за правење разгледници.
– Водени од идејата, новата учебна година да ни започне на малку поразличен начин, овој септември моите ученици од четврто одделение изработија разгледници од местата на кои биле ова лето и си ги разменија меѓусебно. Насмевките не изостанаа воопшто, ниту воздишките придружени од убавите спомени – раскажа наставничката Макалоска.

Подготвил: Ф.Д.