Фото: Пиксабеј

Европската комисија подготвува предлог за ограничување на пристапот на децата помлади од 15 години до социјалните мрежи, платформите за споделување видеосодржини, четботовите со вештачка интелигенција и онлајн-игрите, објави Ројтерс, повикувајќи се на документ на Комисијата.

Предлогот е дел од досега најсеопфатниот план на Европската Унија за заштита на децата од опасностите на интернет. Во документот се изразува загриженост поради влијанието на големите дигитални платформи, меѓу кои Фејсбук и Инстаграм на „Мета“, ТикТок, Јутјуб на „Гугл“ и „Четџипити“, врз здравјето и безбедноста на децата.

Предвиден е постепен пристап до дигиталните услуги во зависност од возраста. Децата на возраст од 15 години би можеле самостојно да отвораат профили, додека за оние од 13 и 14 години родителите би можеле да отвораат почетни профили на социјалните мрежи и платформите за споделување видео содржини.

Тие профили би биле под родителска контрола, со ограничен број контакти и строги временски ограничувања.

За децата од три до 12 години би биле достапни само услуги приспособени за нивната возраст, целосно контролирани од родителите и со построги безбедносни стандарди. Децата помлади од три години не би имале пристап до услугите опфатени со предлогот.

Од социјалните мрежи и платформите за споделување видеосодржини би се барало да ја проверуваат возраста на корисниците при отворање нов профил, додека платформите за онлајн-игри би требало да ја проверуваат возраста пред преземањето игри.

Компаниите би морале да ги отстранат дизајнерските решенија што поттикнуваат зависност и штетните алгоритамски содржини, да обезбедат ефикасни алатки за родителска контрола и да им овозможат на децата полесно да пријавуваат штетни содржини. Предвидено е и плаќање надомест од компаниите за финансирање на надзорот над спроведувањето на правилата.

Предлогот, според Ројтерс, е дел од европскиот акт за децата што претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија Хена Виркунен треба да го претстават в четврток.

Дел од мерките би можеле да бидат најавени и во обраќањето на Фон дер Лајен за состојбата на Унијата в среда.

Деталите сè уште може да бидат изменети. Предложените правила ќе треба да поминат низ повеќемесечни преговори со земјите членки и со Европскиот парламент пред евентуално да станат закон.