Вечерва, во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп започнува 56-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, кое годинава ќе понуди осум претстави во официјална конкуренција, неколку во придружна програма, а ќе се одржат и промоции на книги.
На свеченоста ќе им бидат доделени наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска и драматургот Русомир Богдановски.
Фестивалот ќе го отвори градоначалникот Борче Јовчески, а честа први да настапат ја имаат актерите од МНТ кои ќе ја изведат „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ.
Публиката до деветти јуни ќе ги гледа претставите кои ги избра селекторот д-р Иван Додовски , кој посочи дека публиката ќе проследи претстави од голем формат и со силен режисерски печат, претстави со критички и отрезнувачки поглед кон самите нас.
Претставите на фестивалот ќе ги оценува жирито во состав Љупчо Ѓорѓиевски – режисер, Идризи Бесфорт – актер и Сотир Трајков – театарски критичар, кои на деветти јуни ќе ги соопштат наградите.
Ка.М.