Ефикасно кризно менаџирање во функција на државно стабилизирање

Решенија секогаш постојат, само треба да се има волја тие да се донесат и да се има искрена желба да им се помогне на граѓаните. Вака, само со констатирање дека имало светска криза и дека тоа е реалноста, ништо нема да се реши. Сите гледаме дека има светска криза, ама сите преземаат некакви мерки дома, бараат начини да си купат руска или некаква друга нафта, да си обезбедат енергенти за зимата, да ги превенираат потенцијалните ризици. Па на крајот од краиштата, тоа им е задача на политичарите на кои им е даден мандатот од граѓаните: да изнаоѓаат решенија!

Завршија владините антикризни мерки со кои три месеци беа ограничени цените на основните прехранбени продукти и на горивата, исто како што завршија и надежите на граѓаните дека државата, сепак, во последен момент ќе најде начин како да го ублажи ценовниот удар врз скромниот македонски семеен буџет.
Наместо објава на нови мерки непосредно пред истекот на старите, следуваше институционален молк, што резултира со потрошувачко стампедо низ маркетите и колони возила пред бензинските пумпи. За едно попладне исчезнаа брашното, маслото за јадење и шеќерот од продавниците, како и горивото, кое во нормални услови би се точело неколку дена. Задоволство од целата оваа ситуација имаше само кај трговците, кои барем во тоа едно попладне се потсетија на едни убави времиња кога специјално за нив „Господ шеташе по земјата“ и кога се правеше промет од кој и обични маалски гранапчиња убаво живееја.
Така се почувствуваа трговците, додека чувството на граѓаните беше горчливо. Во нивните мисли се вратија на некои минати години во бившата држава, кога стоеја во редици за кафе, прашок, масло за јадење, кога секој трет ден имаше рестрикции на струја и кога во огласите во весниците се продаваа места во редиците пред бензинските пумпи. Тоа беа некои времиња за кои мислевме дека се некое далечно минато и за кои ќе им раскажуваме на помладите генерации, но се чини дека токму тие млади генерации лично се уверија што значи да се живее во време на криза, со полициски часови, со пандемија, а сега и со скапа храна и рекордно скапи горива.
Мачно беше да се гледаат повторно тие сцени, луѓе натоварени со брашно, масло за јадење, шеќер, само за да заштедат некој денар, небаре по една недела нема истото тоа повторно да им затреба и нема да го платат по повисока цена.
Но некако, како да стана вообичаено државните кормилари повторно да потфрлат во предвидувањето на бурите што доаѓаат и брановите што го лулаат бродот. Нејсе, менаџирањето на состојбите е мултидисциплинарна операција што изискува многу акумулирано знаење, искуство, примена на вештини, но и визија! Ако веќе пред три месеца биле воведени антикризни мерки, во тој период имаше доволно време да се анализира развојот на настаните и да се предвиди што ќе се случи ако мерките престанат да важат, а не се донесат нови. Токму на тие нови мерки требаше да се работи, да се изготви некаков модел со кој за граѓаните со ниски примања ќе продолжат да важат пониските цени. Еве, токму додека ги пишувам овие редови, ми падна на памет една идеја што во овие претходни три месеца можеше да се реализира. На пример, на сите оние што се под Бирото за вработување, социјалните случаи, пензионери со ниски пензии, семејства со ниски примања и други загрозени категории граѓани, државата да им издаде специјална електронска картичка со која во секој трговски синџир основните прехранбени производи ќе ги плаќаат по пониска заштитена цена, а разликата ќе ја дополнува државата. Но картичките овој пат да ги добијат луѓе на кои навистина им требаат, а не партиски послушници што се далеку од финансиски загрозени.

Муабетот ми е дека решенија секогаш постојат, само треба да се има волја тие да се донесат и да се има искрена желба да им се помогне на граѓаните. Вака, само со констатирање дека имало светска криза и дека тоа е реалноста, ништо нема да се реши. Сите гледаме дека има светска криза, ама сите преземаат некакви мерки дома, бараат начини да си купат руска или некаква друга нафта, да си обезбедат енергенти за зимата, да ги превенираат потенцијалните ризици. Па на крајот од краиштата, тоа е задача на политичарите, да изнаоѓаат решенија. Тоа значи дека требаат знаење и желба ваквите предизвици да се решаваат, а не да се чека работите да ни паднат од небо или некој друг да ни ги реши. Сметководствените еквилибристики во вид на кратење на непродуктивните трошоци не помагаат. Тоа се само претурања „од шупливо во празно“ и нема ништо опипливо во тоа. Тоа се виртуелни мерки. На граѓаните им се потребни практични, опипливи мерки за амортизација на ценовните удари. Видовме со пандемијата дека секој си се грижи сам за себе, затоа крајно време е сериозно да го сфатиме тоа и да почнеме така и да работиме, сами за себе.
За жал, таква желба, а богами и знаење за решавање на проблемите засега не гледаме, туку секојдневно ја слушаме веќе изветвената реторика „граѓаните треба да штедат“. Па граѓаните 30 години само штедат и веќе немаат ни што да заштедат додека политичките (не можам да кажам елити бидејќи се далеку од некакви елити) врхушки се богатат врз нивен грб, лапаат високи дневници, хонорари, патни трошоци, земаат плати без да работат, профитираат од матни тендери и фиктивни проекти. Да не зборувам за луксузирањето во нивните канцеларии, скапите автомобили, недомаќинското работење… Значи народот нека штеди, а некој друг ќе се луксузира. Ако нема пари во буџетот, тогаш зошто уште се распишуваат огласи за прием на нови административци? Зошто други новокомпонирани министерства најдоа дополнителни пари во буџетот да си ги покачат платите, а истовремено се секнува сета помош за медиумите, односно не сета, само онаа што им овозможуваше некако да преживеат.
Тука и најголемиот дел од трговците го покажаа своето вистинско лице, да се профитира максимум во секоја можна ситуација. Тоа во некакви поинакви времиња се нарекуваше воено профитерство, а во нашиов случај би било кризно профитерство. Па уште антикризните мерки не беа завршени, во маркетите веќе се пишуваа новите цени, божем газдите нема да имаат пари да ги исплатат вработените.

За компаниите воопшто и да не зборувам. Нив државата буквално ги заборави, ги остави самите да се снаоѓаат во невозможни услови. Ниту им креира нормална бизнис-средина ниту им овозможува алтернативни пазари, туку само им наметнува обврски. Таквиот однос само дополнително ќе придонесе добар дел од домашните компании да стават клуч на врата, а еден куп луѓе да останат без работа. Колапсот на економијата ќе значи и колапс на државата, која и онака веќе е на апарати.
Точно е дека иднината не е воопшто розова и нема надеж дека работите во скоро време ќе се вратат во некаква нормала, што и да значи тоа нормала. Но и во такви услови треба да се живее, па затоа крајно време е ова општество околу нешто да се сплоти. Сега е потребно да се тргне политиката настрана и да им се даде простор на луѓето што знаат да наоѓаат решенија за секакви ситуации. Има паметни глави во оваа држава, па не попусто Европа постојано ни ги краде. Тие треба да седнат и да кажат: вака ќе направиме за да не ги погодат високите цени премногу граѓаните, ова ќе направиме да ѝ помогнеме на економијата, на овој начин ќе ја амортизираме енергетската криза пред зимата, вака ќе го подигнеме БДП-то, со градење, не со крадење.
Тоа е она што ѝ треба на оваа држава, полесно поднесување на кризите и помалку грижи за овој напатен народ. Барем толку малку заслужил.