Македонскиот стрип на европско ниво
Сомбор една недела беше регионален центар на деветтата уметност. Од 11 до 17 мај, градот го пречека 11-от Меѓународен фестивал на стрип и фантастика, кој преку изложби и работилници спои автори од Србија, Италија, Македонија и од регионот.
Програмата започна со изложбата „Најдоброто од Балканска смотра“ на Марко Стојановиќ, а централен настан беше поставката „Современ италијански стрип – мајстори на денешницата“. Пред публиката се претставија култни европски автори како Бранислав Бане Керац, Морено Буратни (сценарист на легендарниот „Загор“), уредникот Шибин Славковиќ, италијанскиот цртач Марчело Мангиантини и меѓународно признатиот Дарко Перовиќ.
– Во оваа силна меѓународна конкуренција, македонската стрип-сцена уште еднаш докажа дека поседува достоен, врвен квалитет што рамноправно парира на европските стандарди. Клучен доказ за тоа беше забележителниот настап на македонската илустраторка Славица Купенкова. Нејзиниот нов графички роман предизвика исклучителен интерес и високи оценки кај присутните критичари и љубители на визуелната уметност. Успехот на Купенкова е јасна потврда дека македонските автори создаваат зрели, конкурентни дела и наедно претставува силен импулс за културната соработка во регионот – информира Томе Трајков.
Истовремено, во Соколскиот дом, издавачите ги презентираа најновите графички романи, а фокусот на стручните дебати беше насочен кон регионалната соработка и улогата на стрипот во современата уметност.
Фестивалот заврши со порака дека Сомбор останува збирно место каде што македонскиот и регионалниот талент секоја година ги потврдуваат своите високи креативни дострели.
































