Фото: Игор Бансколиев

Приказната се раскажува низ призма на глувонемата заедница, во која актерите во име на глувите лица без цензура ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива заедница

„Улаф сте?“ на ФДУ

Скопска изведба на претставата „Улаф сте?“, во режија на Јован Ристовски, првата професионална претстава на македонски знаковен јазик за возрасни, се одржа на Факултетот за драмски уметности, во присуство на многубројна публика, во која беа и претседателот Стево Пендаровски, евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.
– Да се гледа приказна што е раскажана низ призмата на глувонемата заедница значи да се разбере светот од реалноста на другиот. Вечерва ја проследив театарската претстава „Улаф сте?“, во режија на Јован Ристовски. Вистински професионалци ја доловија реалноста и тоа каков е навистина животот на глувонемите лица и кои се нивните предизвици. Преку претставата допреа до моето срце, со секој нивни знак, со секој нивни збор. Беше задоволство да се помине вечерта на оваа театарска претстава – рече министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.
Проектот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Македонија. Продукцијата на претставата е на АТО – центарот за современа уметност и култура од Битола.
Претставата ги обработува проблемите на младите и фактот дека населението се иселува од државата, автоцензура што е присутна од стравот да се кажат јасно и гласно општествените проблеми. Приказната се раскажува низ призма на глувонемата заедница, во која актерите во име на глувите лица без цензура ги раскажуваат сите општествени неправди кон оваа ранлива група.


Пред неполни две години неколку глуви возрасни лица во Охрид, по гостувањето на детската претстава „Три“, на знаковен јазик го замолиле режисерот Јован Ристовски да направи претстава на знаковен јазик за возрасни, бидејќи никогаш не гледале театар на нивниот мајчин јазик (знаковен јазик), и така настанала претставата „Улаф сте?“.
– Хуманизмот и емпатичноста не се само добри карактеристики на човештвото, тие се претворија во моја лична мисија – вели Ристовски.
Автор и режисер е Јован Ристовски, костимографка Марта Дојчиновска, сценограф Стефан Малбашиќ, драматург Билјана Крајчевска/Весна Куслеска, толкувачка на знаковен јазик Катерина Шаркоска, а соработник за знаковен јазик е Мартин Ангелов. Во претставата играат: Наталија Ристеска, Кристијан Танчевски, Марија Стефановска, Маја Андоновска-Илијевски, Сандра Грибовска, Никола Пројчевски. Дизајнот на плакатот е на Димитар Ристовски.
По премиерата на претставата „Улаф сте“ во Битола, следуваа неколку репризи во Скопје, Крушево, Струга, Битола, Прилеп. В.Д.


Презентиран изумот на учениците од „Михајло Пупин“

Во рамките на настанот се одржа и презентација на новиот изум на четворица ученици од средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ од Скопје – паметна ракавица за комуникација со глувонеми лица. На иновацијата учениците работеа четири месеци, под менторство на Стефана Христова, професорка по стручни предмети во „Михајло Пупин“. Оваа иновација доби неколку награди, меѓу кои и прва награда на републичко ниво. Еден од изумувачите на ракавицата, Никола Бансколиев, го презентираше изумот пред претседателот Стево Пендаровски и присутните на претставата на ФДУ.