Фото: Игор Бансколиев

Од денеска државата им препушта на производителите и трговците сами да ги утврдуваат цените на производите од довчерашниот список на производи, секако според пазарните услови. Но што всушност значи тоа за граѓаните и во која насока ќе се движи трендот на формирање на цените на основните прехранбени продукти?

Од денеска веќе нема административни ограничувања на цената на основните прехранбени продукти

Од денеска веќе не важи владината мерка за замрзнати маржи на основните прехранбени производи. Производителите и трговците (со производите што влегуваа во владиниот список во кој се ограничи крајната цена на некои производи) веќе не се ограничени при формирањето на својата маржа (процентот што производителот или продавачот го додава на производствената или набавната цена). Од денеска веќе нема административни ограничувања на цената на основните прехранбени продукти. Практично, од денеска државата им препушта на производителите и трговците сами да ги утврдуваат цените на производите од довчерашниот список, според пазарни услови. Што всушност значи тоа за граѓаните и во која насока ќе се движи трендот на формирање на цените на основните прехранбени продукти? Во врска со оваа дилема, презентираме неколку релевантни мислења на поединци и институции.

Од Организацијата за заштита на потрошувачите (ОЗП) не очекуваат драстичен скок на цените

Од Организацијата за заштита на потрошувачите (ОЗП) не очекуваат нивен драстичен скок, иако, од друга страна, не очекуваат ниту дека цените ќе паднат.
– На светските пазари паѓаат цените на основните производи и ќе видиме сега дали самите производители и трговците ја научија лекцијата, односно дека нема да имаат толкава потреба да ги качуваат цените. Ќе има некои акции на производи на кои ќе има намалување. Сметаме дека сега треба да се остави на пазарот – вели претседателката на ОЗП, Маријана Лончар Велкова, која додава дека „искуствата покажаа дека најверојатно залудно ќе се надеваме на одржување на цените на исто ниво, а уште помалку на нивно намалување, со ретки исклучоци“.
Претседателката на ОЗП, Маријана Лончар Велкова, вели дека постои можност и за заемно договарање на цените и нивно диктирање од страна на трговците, па, така, од ОЗП сметаат дека надлежните треба да бидат со многу поголем ангажман од први јули.
– Надлежното министерство треба будно да ја следи состојбата и доколку забележи зголемување, односно скок на цените на основните прехранбени производи, да преземе одредни мерки, кои треба да дадат резултат на подолг рок – наведува Лончар Велкова од ОПМ.
Од Сојузот на синдикатите велат дека во континуитет ги следат цените на основните производи и тие инстантно предупредуваат и апелираат дека мора да се влијае на намалувањето на цените на производите, сега и веднаш!
– Двоцифрената инфлација во Македонија е многу висока, платите се зголемија, ама не со истото темпо како храната. Што значи реалниот пораст на платите не ги задоволува основните потреби. Животниот стандард е на многу ниско ниво и мора да се влијае на намалувањето на цените на производите, сега и веднаш – вели Иван Пешевски, потпретседателот на Сојузот на синдикати на Македонија.

Министерство за економија: Доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа и ќе го спроведе

Од Министерството за економија велат дека домашните цени се стабилизираат како резултат на стабилизирањето на цените на меѓународниот пазар, а и струјата поевтини.
– Долгорочна примена на трговски маржи во услови кога не постои неизвесност на перманентен раст на берзанските цени може да доведе до спротивен ефект на пазарните услови поради наметнување државна контрола на цените и намалување на конкурентноста кога не сe објективни причинитe за тоа. Министерството остава на производителите и трговците да покажат општествена одговорност откако ќе заврши мерката – велат од Министерството.
Оттаму напоменуваат и дека доколку пазарот оцени дека треба да има продолжување на рокот, тоа и ќе го спроведе.
Со последната одлука на Владата од 25 април 2023 година, горната утврдена висина на трговската маржа за лебот, маслото за јадење и шеќерот остана 5 отсто во трговијата на мало и големо. За другите производи горната граница беше 10 отсто.

Економските експерти со различни ставови

Мислењето на повеќе економисти е дека во основа треба да се дозволи да функционира пазарната економија. Во тој контекст, тие сепак додаваат дека тоа кај нас тешко е спроведливо од повеќе причини.
– Во изминатиот период видовме како реагираа трговците. Па, имавме ниски берзански цени на храната, а кај нас и со замрзнати цени и маржи, цените на храната не се намалија. Сметам дека за одделни производи, главните прехранбени производи, државата мора да ја контролира маржата и постепено да ја релаксира сè додека не се види односот на трговците и додека не се види дека цените на производите се намалуваат. Така може да се доведе пазарот во ред, а не да имаме намалени цени на храната на берзите, а кај нас да растат. Велам, релаксирањето да оди постепено, бидејќи веќе имаме искуство со наглото ограничување и наглото ослободување на маржите и на цените – вели економистот Маријанчо Николов.
Според него, Владата треба да го има предвид фактот дека стандардот на граѓаните е опаднат и дека не може да издржи уште еден висок раст на инфлацијата, а компаниите производители се неконкурентни во однос на регионот. Мерките треба да се приспособат на оваа состојба.
– При донесувањето на одлуката дали да ја продолжи мерката, мислам дека Владата ги имала предвид сите расположливи податоци, но не треба да остави работите да се одвиваат стихијно и сето тоа да се истури врз грбот на граѓаните. Дополнително, треба да им се помогне на компаниите од прехранбената индустрија, да се изборат со конкуренцијата на домашниот пазар, со што ќе им се овозможи да не ги зголемуваат цените непотребно – додава тој.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини смета дека она што не дало ефекти треба да се отфрли. Тој смета дека мерките за замрзнување на цените и маржите беа популистички, без посебен ефект врз стандардот на граѓаните и врз инфлацијата. Според него, цените треба да се остават да се формираат според пазарните законитости на понудата и побарувачката.
– Мерките не ја одиграа својата улога и граѓаните беа сведоци на тоа дека цените секојдневно се менуваа, а трговците не ги почитуваа како што беше планирано. Владата со голема леснотија ги донесе овие мерки, а трговците покажаа дека не се подготвени да продаваат нешто со пониска цена од онаа по која го набавиле и да прават загуби. Владата требаше да го знае тоа, бидејќи подоцна и самата увиде дека некои од посилните трговски објекти не го почитуваа договорот и преживеаја, а оние помалите што се обидоа да ги спроведат мерките, беа принудени да затворат – вели Хајредини.
Во времето на енергетска криза, Владата во неколку наврати ги одмрзнуваше и замрзнуваше цените на основните производи. Но, според професорот Здравко Савески од Институтот за општествени и хуманистички науки, ваквите чекори упатуваат на неконзистентни политики. Според Савески, сè уште има потреба за замрзнати цени.
– Сѐ уште им потреба од замрзнување на цените или поблага мерка, бидејќи инфлацијата во однос на цените на храната е дупло поголема од општата инфлација. Тоа кажува дека мора да се реагира во насока на заштита на животниот стандард, особено на најсиромашните граѓани, кои трошат поголем дел од приходите на храна – смета Савески.
Ставот на Савески е дека и замрзнувањето на цените претставува краткорочно решение доколку не се преземат долгорочни мерки за поголемо домашно производство. Сепак, според него, постојат и фактори што одат во насока и за зголемување, но и за намалување на цените.
– Ако се зголеми цената на струјата, тоа ќе ги зголеми и производствените трошоци. Но, од друга страна, и светските цени на храната се намалуваат и цените на храната генерално се намалуваат во летните периоди. Нема простор за економски причини за нагло зголемување на цените. Така што ќе видиме како ќе реагираат производителите – смета Савески.

Зголемени цени на струја, зголемени цени на храна?

Евентуалното зголемување на струјата, на горивата, греењето, лековите и здравствените услуги најмногу ги погодиле граѓаните, заедно со набавката на храна, покажа истражувањето „Перцепции и ставови на граѓаните и домаќинствата за инфлацијата во С. Македонија“, спроведено од три невладини организации, кое беше презентирано на деновиве. Според истражувањето, домаќинствата ги погодиле зголемените цени на млекото и млечните производи, месото, маслото за јадење, овошјето и зеленчукот. Анкетата била направена на 1.853 граѓани, од кои 60,4 отсто одговориле дека „на храна едно домаќинство не може никако да штеди и не може да го скрати трошокот дури и да сака“.
Што ќе се случува на терен, наскоро ќе биде познато. Деновиве нашиот весник ќе направи теренско истражување во повеќе маркети низ земјава, за тоа како се движат цените на основните прехранбени продукти, како ќе се однесуваат трговците, колкави ќе бидат цените на прехранбените намирници кај кои, според економските експерти, инфлацијата е двојно повисока во однос на општата инфлација. Дали јули ќе предизвика за граѓаните нови ценовни стресови, останува да се види деновиве. Р.Н.М.