Музејот на Град Скопје, по повод одбележувањето 60 години од поплавата во Скопје, која се случи на 16 ноември 1962 година, ја подготви изложбата „Убавиот бунтовен Вардар“ на авторката Зоја Богдановска, кустоска во музејот. Изложбата ја презентира историјата на поплавите во градот во последните три века, од времето кога се евидентирани во пишаните извори за Скопје.
Акцентот е ставен на поплавата што се случила на 16 ноември 1962 година. Мноштво фотографии проследени со историски податоци, одблизу нѐ запознаваат со големата несреќа. Изложбата е збогатена со разгледници од музејската збирка, кои ќе ни даваат можност да ѝ се восхитуваме на убавата, но бунтовна река Вардар, претставена во сета своја бујност, убавина и суровост.
Во соработка со Кинотеката на Македонија, во рамките на изложбата, ќе биде прикажан документарниот филм „Стихија“ од 1962 година, во режија на Бранко Гапо и Трајче Попов.
Изложбата e отворена во изложбениот простор во Музејот на Старата скопска чаршија (објект „Сули-ан“).