Алармантни демографски податоци од Сараево и Бања Лука

Официјалните податоци од Републичкиот завод за статистика (РЗС) на Босна и Херцеговина укажуваат на загрижувачката состојба во земјата, која се соочува со драстично намалување на населението од година на година. Проблемот е особено изразен во Република Српска, а најновите истражувања покажуваат дека покрај стандардната демографска „болест“ – заминување на младите во странство, регистрирана е и висока стапка на смртност, која оваа година е значително зголемена. Податоците на Републичкиот завод за статистика покажуваат дека во деветте месеци од годинава биле родени вкупно 6.248 бебиња, а во истиот период починале 12.523 лица. Од година на година се зголемува бројот на починати, а, според сѐ, 2022 година ќе биде рекордна по тој негативен показател.
– Во 2018 година починале 14.763 лица, во 2019 година починале 15.081, во Република Српска починале 16.582 во 2020 година, а рекордни 19.002 минатата година. Природниот прираст во 2021 година изнесува -8,6 (минус 8,6) на 1.000 жители – покажуваат податоците на РЗС.
Најчеста причина за смрт се болестите на срцето и крвните садови и туморите. На трето место се болестите на жлездите, исхраната и метаболизмот, а потоа респираторните заболувања.
Покрај овие негативни показатели, посебно за анализа е и иселувањето на населението, што е горлив проблем во цела Босна и Херцеговина. Според истражувањето на Унијата за одржливо враќање, минатата година Босна и Херцеговина ја напуштиле 170.000 граѓани, но овие податоци не се официјално потврдени, бидејќи во Босна и Херцеговина, ниту во Република Српска, не постои институција што прецизно се занимава со овој комплексен проблем.
Демографот Стево Пашалиќ предупредува дека демографските показатели во Република Српска се алармантни. Тој тврди дека во Република Српска живеат 1.042.000 жители, а не околу 1.128.000, како што велат официјалните податоци. Тој посочува и дека, наспроти тоа што се тврди дека во Босна и Херцеговина живеат 3,4 милиони луѓе, реална е бројката од 3.015.000 жители.

– Од пописот во 2013 година, Српска загуби 48.499 жители преку негативниот природен прираст. Дополнително, околу 79.457 луѓе се иселиле. Кога тоа ќе се одземе од 1.170.000 жители, кои ги покажа тогашниот попис, бројката е 1.042.386 – објаснува Пашалиќ.
А неговото истражување покажува дека смртноста е драстично зголемена во последните неколку години.
– Во последните десет години за една година имаме од 9.100 до 9.500 новороденчиња, што е мала, но сепак стабилна бројка. Стравуваме дека таа бројка ќе падне под 9.000, а ако се случи тоа, состојбата тешко ќе закрепне. Смртноста е значително зголемена поради пандемијата, не само кај нас туку и во земјите од регионот – вели Пашалиќ.
Тој предупредува дека, сепак, иселувањето е најголемата рак-рана на Република Српска.
– Западните земји безмилосно ни го ограбуваат работоспособното население поради недостигот од работници во нивните земји. Локалните власти мора да го подобрат квалитетот на животот во цела Босна и Херцеговина, бидејќи ако продолжи вака, не ни оди најдобро. Одржувањето на пензискиот, образованиот, здравствениот и секој друг систем ќе биде под знак прашалник – предупредува Пашалиќ.
Демографот вели дека БиХ и Република Српска, според просечната возраст на населението, се класифицирани како „длабоко стари“ земји. Оваа информација ја потврдуваат и официјалните податоци на РЗС. Така, во 2021 година Република Српска беше населена претежно со жители на возраст од 60 до 64 години, со околу 86.000 од нив. На второ место се лицата на возраст од 65 до 69 години, а на трето место се оние од 55 до 59 години. Од друга страна, имало само 63.000 млади луѓе на возраст од 20 до 24 години.