Специјалниот претставник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и Косово со нов предлог за решавање на кризата

Специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Србија и Косово, Мирослав Лајчак, ѝ доставил на официјална Приштина нов предлог од Брисел за решавање на кризата на северот. Овој предлог му е доставен на главниот преговарач од косовската страна, Бесник Бислими, на средбата што ја одржал со Лајчак во Брисел во вторникот, на 15 ноември. Европската страна сега го чека одговорот – дали косовските власти го прифаќаат новиот предлог.
Иако нема многу детали за тоа што стои во последниот предлог, дипломатски извори потврдуваат дека „новиот предлог се прави за да се најде барем привремено решение, за да се избегне ескалација што може да се случи од 21 ноември, кога косовските власти ќе почнат да изрекуваат казни за сопствениците на возила со српски регистрации во Косово“.
Како што се дознава, не е исклучена можноста еден од елементите во последниот предлог да е одложување на примената на издавањето глоби за одреден временски период, иако тоа „не мора“ да значи за десет месеци, како што бараше српската страна.
Во случај Приштина да одговори потврдно на овој предлог, се очекува специјалниот претставник на ЕУ за дијалог, Мирослав Лајчак, веднаш да отпатува во Белград, за да се официјализира договорот на страните за решение на кризата.
Наспроти ова, вицепремиерот на Косово, Бесник Бислими, демантира дека на последната средба со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, е постигнат некаков договор во однос на регистарските таблички. Тој вчера во Приштина на тркалезна маса организирана од ЕУ рече дека на завчерашната средба во Брисел биле само тој и Лајчак, но дека нема договор.

– Нема договор за тоа и нема предлог од Европската Унија, ние засега само разговараме. Не можам да образложам овде за опциите што ги дискутирав таму, сепак мора да бидеме малку посериозни – одговори Бислими.
Ваквата негова реакција дојде откако претходно вчера во утринските часови албанските медиуми објавија дека е постигнат начелен договор за деескалација на ситуацијата на северот на Косово и дека двете страни со детали ќе излезат в петок, на 18 ноември. Според некои портали на албански јазик, претставниците на Приштина се согласиле да се одложи рокот за пререгистрација на возилата. „Косовската страна се согласи да ја одложи одлуката за регистарски таблички по долгорочни барања од Европската Унија и Соединетите Американски Држави, но за ова побара гаранција од своите партнери“, се тврдеше во вестите лиферувани утрината.
– Има елементи за кои разговаравме за можноста за излез од кризата, но нема договор и нема логика јавно да се разговара за нив. Вторник доаѓа по понеделник, не знам што ќе биде. Знаете ли вие што ќе се случи? Јас не сум Нострадамус, јас сум вицепремиер. Не знам што ќе биде в понеделник, разговараме, дали разбирате – рече Бислими.
В понеделник, 21 ноември, треба да започне втората фаза од одлуката на Приштина за спроведување на пререгистрацијата, кога сопствениците на возила со српски регистарски таблички треба да бидат казнети. Пререгистрацијата на српските регистарски таблички на таблички означени со РКС беше причина за тензиите во односите меѓу Белград и Приштина во последните денови. Меѓународната заедница ја повика Приштина да ја одложи одлуката, но сегашната влада, на чело со Аљбин Курти, одби да го стори тоа. Потоа, Србите од северот на Косово ги напуштија сите косовски институции. Од 5 ноември, Северна Митровица, Лепосавиќ, Зубин Поток и Звечани се без градоначалник.
Како што пренесуваат некои од косовските медиуми, во моментов се бараат и модалитети Србите од Косово да бидат вратени во институциите што демонстративно ги напуштија, откако не се согласија со одлуката за регистарски таблички, која предвидуваше опомени, казни и промена на таблички.
– Ќе биде тешко да се најдат решенија за оние што ги напуштија политичките функции, како заменици и градоначалници на четири општини на север, но не толку тешко за администрацијата, полицијата и судството – се наведува во текстот.
Во меѓувреме се огласи и високиот претставник на ЕУ за надворешна политика, Жозеп Борел, кој рече дека „наоѓањето решение за проблемот со регистарските таблички пред 21 ноември нема алтернатива“.