Изложба на фотографии на доајенот на македонската фотографија Живко Јаневски, со наслов „Точки на интерес“, е закажана за 1 декември, во 19.30 часот, во Културно-информативниот центар. Истражувачкиот проект од 2020 година во Музејот на Град Скопје, на Одделот за современа фотографија и филмски материјал, на случајно пронајдени фотографски материјали (филмски негативи) доведе до сознание дека целокупниот материја е од фоторепортерот и доајен на македонската фотографија Живко Јаневски, работен за потребите на НИП „Нова Македонија“.
Истражувањето, насловено „Меморијата на Живко Јаневски“, се насочи во правец на пронаоѓање на фотографиите во дневниот весник „Нова Македонија“ и во другите изданијата на издавачкото претпријатие за нивно датирање и потребата за нивното создавање. Направен е детален увид на материјалите што се наоѓаа во пронајдените „жолти коверти“. Истражувањето во големиот материјал (285 црно-бели филмови, 9.500 негативи) упатува на сознание дека станува збор за еден релевантен документарен и авторски исказ. По извршениот преглед, воден од естетските вредности на авторот, се направи концепција и избор за изложба, се дигитализираа и се обработија негативите за печатење. Поголемиот дел од фотографиите биле објавени, служејќи како илустрации на текстови или студиозни презентации на одредени проблеми и теми во дневниот весник, а преку објавените фотографии се датира периодот на создавањето на фотографскиот материјал. Во овие фотографски записи, материјали достапни за оваа изложба, снимени во почеток на деведесеттите години на минатиот век, односно од средината на 1989 до 1994 година, документиран е периодот на осамостојување на нашата држава, како и времето на големите општествени промени. На филмските негативи се запишани првите денови на плурализмот, новото собрание, заминувањето на ЈНА од Македонија, протестите за враќање на македонските војници од ЈНА, голем број посети на значајни политички претставници од повеќе земји и организации и голем број други случувања околу Собранието, како и голем број културни и спортски настани. Процена е дека тоа се извонредни материјали, снимени од еден наш врвен фотожурналист, кои сега и јавно се презентираат во форма на изложба. На изложбата ќе бидат поставени 110 дигитално испечатени фотографии. Изложбата се реализира во галерискиот простор на Културно-информативниот центар – Скопје (КИЦ).