Театарската претстава „Скопјани“ е закажана за 22 ноември, во 19.30 часот, во „Јавна соба“. Станува збор за колективно авторство и драматизација на раскази од збирката „Улиците што ги нема“ на Оливера Ќорвезироска. Улогите ги играат Филип Христовски, Нина Елзесер, Виктор Велевски, Јанка Лефкова, Христијан Поп-Симонов, Ангела Стојановска. Претставата трае 80 минути и е во продукција на „Театар за сите“, во режија на Милош Б. Андоновски.
– Претставата „Скопјани“ е резултат на истражувачки и експериментален процес во кој актерската екипа, разработувајќи ги расказите на Ќорвезироска, споделува и лични приказни, доживувања и искуства од градот Скопје; ги преиспитува и ги бара одликите на денешните скопјани и духот на денешно Скопје. Оваа претстава не зборува за „старо Скопје“, за ослободувањето на Скопје, за земјотресот и Кензо Танге, туку за градот денес. Го согледува односот на локалците и дојденците, нивните перцепции за градот, нивните недоразбирања и соживот – вели режисерот Милош Андоновски.
Драматургијата и драматизацијата на раскази е на Ивана Нелковска и Милош Андоновски, драматургијата на лични приказни е на Ева Камчевска.
– Талкајќи низ улиците, преку мостовите и покрај плоштадите пристигнуваме во секојдневието на луѓето што го сочинуваат градот. Шест актери преку своите животи се нурнуваат во приказните за други лица што се жители на истиот град. Паралела од минато до тоа што е сега. Водејќи се низ наративната мапа на „Улиците што ги нема“ од Оливера Ќорвезироска, создадовме приказна за нас, за тоа што е сега, за тоа што останало изгубено, за нешто што постојано се трансформира и за тоа што ни е заедничко – споделува Ивана Нелковска, драматургија и драматизација на раскази.
Костимографка е Ирина Тошева, асистентка на костимографија Ива Ивановска, а сценографијата на Мартин Манев и Симона Димковска.
– Кој смее да зборува за Скопје? Асли скопјанец со длабоки корени или и оние „дојденците“ имаат право да кажат нешто? Кој вистински го сака Скопје? Во оваа претстава, и едните и другите ќе се погледнат во очи, на маса, со мезе и ќе си кажат многу работи. Одговори на прашањата што секогаш ве мачеле – дали во руската салата има мајонез или тоа е само сечкана туршија. Ова не е „Војна на световите“, ова е судир на скопјани и „скопјани“ – вели Ева Камчевска, која се потпишува на драматургијата на лични приказни.