Tрадиционалниот гала-оперски концерт по повод празникот Василица 2024 ќе се одржи на 12 и 13 јануари, во 20 часот. Националната опера и балет го востанови овој концерт во 1995 година и низ годините потоа тој стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас.
Традицијата ќе продолжи и оваа година, па така, нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии, дуети, хорски делници и балетски точки од светски познатите дела од композиторите: Џ. Росини, В.А. Моцарт, В. Белини, Џ. Верди, У. Џордано, Ф. Лехар, Ж. Бизе, Џ. Пучини, Е. Калман, П.И. Чајковски и други.
Под диригентската палка на гостинот од Канада, Клод Лапалм, врвен диригент, добитник на голем број престижни награди и признанија, а во режија на Дејан Прошев ќе настапат нашите оперски солисти: Весна Ѓиновска Илкова, Сандра Митровска, Благица Поп Томова, Наде Талевска, Николина Јаневска, Биљана Јосифов, Зоран Сотиров, Александар Стефаноски, Марјан Јованоски, Ристе Велков, Игор Дурловски, Владимир Саздовски заедно со хорот, оркестарот и балетот на Националната опера и балет. Концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстори: Ѓурѓица Дашиќ и Јасмина Ѓорѓеска, а кореографка е Саша Евтимова.
Билетите се пуштени во продажба на нашата билетарница и онлајн.