Посети го музејот
Спомен-куќата на Кочо Рацин се наоѓа во Велес. Како потсетник на еден од најголемите поети и комунисти во периодот помеѓу двете светски војни, таа во 1962 година е целосно реставрирана. Таа го задржала автентичниот изглед и, типично за старите македонски куќи, има приземје и кат. Приземјето е изградено од камен, на катот доминира фасада со бела боја, а покривот е висок и покриен со ќерамиди. Двокрилна порта од дрво води во тремот, решен како мал простор што ги спојува катот, фурната, чардаците и грнчарската работилница. Работилницата има голема површина, а во нејзиниот под има мала скривница. Чардакот на куќата е споен со фурната. На спротивниот крај, чардакот со скали води кон повисок чардак.
Поради својата специфичност на традиционална македонска (велешка) архитектура и поради своето историско значење, оваа куќа е прогласена за споменик на културата, а со нејзината реставрација стана и спомен-музеј посветен на животот и делото на Рацин. Во Спомен-куќата на Рацин денес се наоѓаат неговите оригинални ракописи, како и голем број други спомени за неговото дело и за неговиот живот.