По велигденскиот концерт на „Света Злата Мегленска“

Во типичниот сакрален амбиент на црквата „Света Софија“ во Охрид, женскиот камерен хор „Света Злата Мегленска“ приреди прекрасно спиритуално чествување во духот на православното црковно пеење. Велигденскиот концерт „Воскресение твоје“ се одржа во организација на НУ „Охридско лето“, установа што останува доследна на презентирањето и промовирањето на високите уметнички вредности. Репертоарот на прекрасниот хорски ансамбл прозвучи со восхитувачка убавина, влевајќи мир, спокој, радост и возвишеност кај присутната публика токму поради занесното музицирање, префинетата естетика и исклучителниот сензибилитет на членовите на овој хорски ансамбл.
– Огромна благодарност до институцијата „Охридско лето“ што ја имавме честа да бидеме дел од програмските активности на фестивалот. Особено ни е драго што го одржавме велигденскиот концерт „Воскресение твоје“ пред охридската публика и пошироката јавност спроти најголемиот празник на православните христијани. Големо е задоволството затоа што охридската публика ни е многу позната. Заедно го прославуваме велигденскиот празник на пригоден начин. Репертоарот беше наменски, исклучиво црковна православна музика од домашни и светски автори – изјави креаторката на концертот Летка Димовска-Полизова, под чија диригентска палка се одржа овој настан.
Хорот е составен од 22 ангелски гласа вљубенички на хорското камерно музицирање, од кои повеќето се млади академски образовани музичари, студентки од Факултетот за музичка уметност во Скопје и од другите универзитети во земјава. Основачка, диригентка и уметничка раководителка е академската музичарка Летка Димовска-Полизова.