Современиот бугарски писател Николај Терзијски ќе гостува во Скопје по повод книжевната промоција на македонското издание на неговиот роман „Ѕвезди под клепките“, во превод на Виолета Танчева-Златева, во издание на „Три“. Промоцијата ќе се одржи на 30 јануари (четврток), со почеток од 19 часот, во „Јуроп хаус“. Наредниот ден Терзијски ќе го заокружи својот престој со средба меѓу книгите – книгокруг во книжарницата на „Три“ во ГТЦ. Посетителите ќе имаат можност да поразговараат со писателот во топла атмосфера и да добијат потпис на својот примерок од книгата, дел од едицијата „Нашите приказни“, поддржана од Европската Унија.
„Ѕвезди под клепките“ (2022) е трет роман на Терзијски. За ова дело авторот во 2023 година ја освои националната награда „Христо Г. Данов“ за придонес во книжевната култура и беше номиниран за сите значајни награди за проза во Бугарија. Книгата е можен одговор на некои од најголемите загатки на животот, меѓу кои е и загатката на љубовта. Во стилот на големите мајстори, Терзијски нѐ води на возбудлива прошетка низ времето и судбината, поткревајќи ја пред нашите очи завесата на животот.
Николај Терзијски (1983, Смољан) е современ бугарски писател и новинар. Дипломирал новинарство на универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Софија во 2005 година, а по две години магистрирал на Филозофскиот факултет. Работел како сценарист и ТВ-водител, а од 2003 година е вработен како новинар во продуцентската куќа „Седум осмини“. Во 2014 година го отвора блогот „Терзилаци“, на кој објавува свои раскази, хумористични есеи, политичка сатира, публицистика, осврти за книги. Со своите три романи, Терзијски се наметна како значаен нов глас во бугарската книжевност, кој во своите мајсторски исткаени романи зборува за најважните човечки и општествени теми. Неговиот прв роман „Одлачување“ ја добива националната награда за дебитантско дело „Јужна пролет“, номиниран е и за други награди и прогласен е за една од најважните книги издадени на бугарски јазик во 2017 година. „Хроники на непознатото“ (2019) влегува во тесна конкуренција за роман на годината и за годишните награди на порталот „Култура“. А „Ѕвезди под клепките“ минатата година беше номиниран за наградата за книжевност на Европската Унија.