Со грант од филантропската организација од САД „Џ. М. Каплан Фонд“, во висина од 300.000 американски долари, ќе се конзервира Теодосијанската палата во археолошкиот локалитет Стоби. Проектот, кој во наредните три години ќе го реализираат НУ „Стоби“ во соработка со фондацијата „Балканско наследство“ од Софија, Бугарија, опфаќа и едукативни работилници за професионалци од областа на конзервацијата, археологијата и менаџментот со културно наследство.
Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска при посетата на Стоби се запозна со динамиката на овој значаен проект, кој претставува продолжение на одличната соработка со американската фондација, која минатата година обезбеди средства за изработка на Генералниот план за заштита на археолошкиот локалитет Стоби, прв документ од ваков вид во нашата држава.
Во националната установа „Стоби“, годинава со 9,4 милиони денари, преку Годишната програма на Министерството за култура ќе се реализираат други 14 проекти, преку кои ќе се истражи, заштити, презентира и промовира еден од најзначајните споменици на културата од римската и од доцноантичката епоха на овие простори.
Директорот на НУ „Стоби“, Спасе Перовски, информира дека во април почнува археолошко-истражувачката дејност на локалитетот.
Тој ја запозна министерката за култура дека годинава стручните екипи ќе работат на неколку важни проекти, меѓу кои и конзервација и реставрација на сегменти од Стоби; конзервација, реставрација, реконструкција и археолошки доистражувања на Римскиот театар; како и археолошки доистражувања и конзервација на фрескоживописот и на архитектонските делови на Старата епископска базилика. Ќе се изработуваат и основни проекти за конзервација и реставрација на зачуваните мермерни елементи од гледалиштето на театарот, како и основните проекти за конзервација и реставрација на керамички и стаклени садови, како и на метални предмети од збирката, а ќе се набавува и опрема за потребите на конзерваторската лабораторија.
Костадиновска-Стојчевска за време на посетата ги поздрави напорите на НУ „Стоби“ за вклучување на модерните технологии во презентација на културното наследство и посака што поголем интерес за првата виртуелна апликација, која овозможува виртуелно патување во минатото на Стоби и доживување на гладијаторските перформанси што се одвивале на овој локалитет. Апликацијата, која ја изработи „БЛИНК 42-21“, во соработка со НУ „Стоби“, беше дел и од потесната листа на најдобри иновации на глобално ниво за 2021 година.