„Снежана на крајот умира“, „Кајмак“ и „Од рајот“ се трите наслови со кои Кинотеката ја започнува филмската програма во 2023 година.
„Кајмак“ на Милчо Манчевски и „Снежана на крајот умира“ на Кристијан Ристески имаа одличен одѕив кај публиката, па практично по барање на филмофилите овие два наслова одново се на нашата филмска програма.
Кон нив го придружуваме и новиот наслов на секогаш интригантниот автор Срѓан Драгојевиќ, црната комедија „Од рајот“. По овој мини-вовед во кинотечната нова година, следува Киноутро со филмски наслови наменети за младата публика. На 4 и 5 јануари, од 18 часот, се закажани проекциите за „Снежана на крајот умира“.
На 4, 5, 9, 10, 11 јануари, од 20 часот, ќе има проекции на „Кајмак“.
Неконвенционалната љубовна приказна, но и критика на нелибералното лицемерство, седмиот игран филм на Манчевски, ја следи ситуацијата во две семејства. Оваа црна комедија под површината се занимава и со помрачни социјални прашања – сурогат родителство, неверство, улогата на жената во семејството и општеството, трговијата со луѓе, сексуалната слобода итн., а светската премиера ја имаше на Токискиот филмски фестивал во 2022 година.
Филмот „Од рајот“ ќе може да се види на 9, 10 и 11 јануари, од 17 часот.
По половина век комунизам и атеизам, во бившојугословенското општество се враќа христијанството. Оваа филмска алегорија со елементи на црна комедија е инспирирана од трите приказни на францускиот писател Марсел Аиме.