Истражувачите веќе развија батерија што е направена од натриум сулфур. Тоа е хемиско соединение што може да се обработи од морската вода. Таквата батерија не само што е поевтина туку е и поеколошка од постојните батерии

Евтина поефикасна алтернатива за литиум во производството на батерии би можела да биде морската сол. Батериите со морска сол имаат четири пати поголем капацитет од литиумските батерии.
Истражувачите веќе развија батерија што е направена од натриум сулфур. Тоа е хемиско соединение што може да се обработи од морската вода. Таквата батерија не само што е поевтина туку е и поеколошка од постојните батерии.
Главниот истражувач Шенглонг Жао од Универзитетот во Сиднеј верува дека оваа батерија може да биде пресвртница во обновливите извори на енергија. Сепак, тој истакнува дека постојат неколку финансиски бариери за развој на батерии со морска сол.

Важноста на батериите

Со оглед на тоа дека планетата станува сѐ потопла, се зголемува потребата да се префрлиме на обновливи извори на енергија, како што се ветерот и сонцето. Сепак, имајќи предвид дека обновливите извори на енергија не се толку конзистентни, постои потреба од складирање енергија, за што се користат и батериите.
Многу батерии што се достапни се направени од ретки метали, како што се литиум, графит и кобалт. За да може Европската Унија да постигне климатска неутралност, до 2030 година ќе треба да троши 18 пати повеќе литиум, а до 2050 година речиси 60 пати повеќе.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, во септември изјави дека литиумот и ретките метали наскоро ќе бидат исто толку важни како нафтата и гасот. Меѓутоа, овие метали имаат своја цена. Ископувањето на литиум може да резултира со недостиг од вода, уништување на биолошката разновидност, уништување на екосистемите и загадување на почвата. Покрај тоа, експлоатацијата е многу скапа. Затоа, се очекува алтернатива да бидат батериите со морска сол.

Што се батерии од морска сол?

Овие батерии не се нешто сосема ново. Како концепт постојат 50 години, но не беа достојна алтернатива поради краткиот период на употребливост. Но батериите со морска сол што сега се развиваат се различни.
Истражувачите ги модифицирале електродите за да ја подобрат реактивноста на сулфурот – клучниот елемент за капацитетот за складирање енергија.
– Резултатот е батерија со супервисок капацитет и ултрадолг рок на траење на собна температура – објаснија истражувачите од Универзитетот во Сиднеј.
Имајќи предвид дека морската сол е сеприсутна, батеријата со морска сол би можела да биде исплатлива алтернатива на литиумјонските батерии.
– Кога сонцето не сјае и ветрот не дува, ни требаат висококвалитетни решенија за складирање енергија што не ѝ штетат на Земјата и се леснодостапни на локално и регионално ниво – истакна професорот Жао.
Според него, користењето на сеприсутните ресурси гарантира поголема енергетска сигурност и овозможува повеќе земји да тргнат кон декарбонизација. Намерата на истражувачите е да ја подобрат и комерцијализираат батеријата од морската сол, пишува „Еуроњуз“.