Иницијативата „Сите за МКЦ“ го организира третиот неделен собир овој месец, во знак на поддршка на културните храмови во овој град кои непрекинато се соочуваат со универзална негрижа.
Собирот ќе се одржи утре во 14 часот во паркот зад МКЦ, односно на тревникот каде се наоѓа споменикот „Бомба“.
Настанот има богата програма: две дискусии, поетско читање и концерт.
Првата дискусија ќе биде со Мартина Штериова, млада архитектка од Скопје, која ќе ни каже нешто за градските симболи – како се создаваат, кое им е значењето, како исчезнуваат. Воедно ќе зборува за значењето на Универзална сала и нејзиното уништување.
На втората дискусија ќе говори професорот Владимир Мартиновски и поетесата Ивана Јовановска околу улогата на образовните институции во ангажирање на младите на социјален и културен план, како и пишувањето на ангажирана литература.
Дополнително, следи поетско читање, отворено за секој кој сака да чита, со фокус на урбани и активистички мотиви.
На крај, следи музички настап од Мојра, а за дизајнот оваа недела сме ѝ благодарни на Марија Јаќовска.
Ова е третиот по ред неделен собир кај културниот центар.
На првата средба имаше дискусија со професорите Вангел Ноневски и Артан Садику за важноста на јавните простори во урбаниот живот, колективно цртање на платно и импровизација со акустични инструменти.
Вториот настан вклучуваше раскажување приказни од МКЦ, размена на книги и „маалски“ игри.