Самостојна изложба „Стогови на времето“ на Филип Велковски

Изложбата „Стогови на времето“ на македонскиот уметник Филип Велковски, кој престојува во Глазгов, ќе биде отворена вечерва, во 19 часот, во галеријата „Пионери“ и ќе трае во следните две недели.
– Изложбата го совлада нашиот галериски простор со моќна порака дека временската скала секогаш ги наталожува моментите од минатото во сегашноста и иднината. „Стогови на времето“ сублимира делови од изложбите на Филип, прикажани во периодот 2017-2022 година. Во виртуелниот екран на дигиталните архиви, неодамна претставен на неговата магистерска изложба на Факултетот за уметност во Глазгов, гледаме процес на компостирање хронолошки стогови сено во дистописки розов смог. Каков живот овие стогови пренесуваат од иднината кон вечноста? Какви остатоци будат во нас – стои во најавата за изложбата.

Филип Велковски (1988 г.) е визуелен уметник. Дипломирал на Факултетот за ликовна уметност (2011), на отсекот Сликарство со насока графички дизајн продолжува да ја развива својата практика во полето на сликарството, уметничкиот активизам и кураторството. Во 2018 година, три месеци престојува во Сонгла, Тајланд, каде што работи во Музејот на јужното културно наследство, како водич на тури, реставратор и колумнист за локални културни настани. Меѓу другото, ангажиран е и како гостин-професор по дизајн и илустрација на универзитетот „Таксин“ во јужен Тајланд. Освен својата уметничка практика, Велковски работи и како слободен илустратор, дизајнер на филмски сетови и сценски сликар. Моментално посетува магистерски студии на „Глазгов скул оф артс“ во Шкотска.