Денеска во Ликовниот салон во Велес ќе биде отворена ретроспективна изложба на Ангел Димовски-Чауш, насловена „50 години творештво“. На изложбата ќе бидат поставени скулптури и творби слики-објекти каде што скулптурата и сликарството се испреплетуваат. Велешката јавност ќе има можност да се запознае со дел од богатиот творечки опус на овој наш уметник, кој на почетокот на овој месец се претстави со ретроспективната изложба насловена „50 години творештво“ во „Чифте-амам“ во Скопје, објект на Националната галерија на Македонија.
Ангел Димовски-Чауш (1952) дипломирал на Факултетот за применета уметност, отсек вајарство, во класата на професорот Димо Тодоровски, во 1973 година. Во следните четири години студирал историја со археологија на Филозофскиот факултет, а со отворањето на Факултетот за ликовна уметност во 1980 година се префрлил на оваа високошколска институција, на отсекот за вајарство со театарска, филмска и телевизиска сценографија. Дипломирал во класата на професорот Петар Хаџи Бошков во 1984 година. Самостојно изложувал во земјава и во странство, а остварил и повеќе студиски патувања во земји како Франција, Италија, Шпанија, Германија, Грција, Египет, Турција, САД… Голем број негови дела се наоѓаат во приватни колекции. Од 1984 година е член на ДЛУМ, а од 2002 и на Француското друштво на ликовни уметници. Чауш повеќе децении живее и работи на релацијата Македонија – Франција.