Во рамките на првото издание на ИФДТ „Игор Маџиров“, од 1 до 3 октомври, ќе се одржи работилница за кукларство под менторство на Јакуб Максимов, театарски режисер и куклар од Чешка.

Работилницата ќе се одржи во просториите на Театарот за деца и младинци – Скопје, во периодот од 12.30 до 14.30, на 1 и 2 октомври, а последниот ден ќе биде посветен на заклучоци од истата.
– Ги покануваме сите заинтересирани студенти на факултетите за драмски уметности, наши колеги актери, режисери, драматурзи да се пријават за учество на работилницата најдоцна до 29 септември на [email protected] со наведување: име и презиме, годишна возраст, контакт-телефон, студиска програма/работна позиција. Работилницата е со ограничен број на учесници – информираат организаторите.

Јакуб Максимов е режисер, драматург и перформер. Неговиот домен е модерен куклен театар и театар на објекти. Театарот на објектот е главна тема на неговото докторско истражување на Академијата за изведувачки уметности во Прага. Соработува со повеќе театри и независни компании во Чешка, Германија, Словачка, Србија.

Работилницата ќе се состои од истражување на основните елементи на куклениот театар и театарот на објектот. Ќе се работи на практични вежби и ќе се креираат неколку кратки етиди со кукли и предмети. Заедно, практично ќе истражуваме што одговара на овој специфичен театарски жанр. Ќе се бараат модерни начини како да се справиме со кукларството како современа уметничка форма.