КСП Центар – Јадро организира дводневна работилница за креативно пишување „Пиши-бриши“ на 5 и 6 јуни наменета за млади на возраст од 15 до 18 години.
Менторки се Марија Бошковска и Ивана Смилевска
– Бројот на учесници е ограничен. А пријавувањето важи до 1 јуни.
– Од почетокот на времето, приказните се сведоштва за она што било, тие се поуки за она што треба да биде и повторлив обид да се зграпчи и замрзне недофатноста на сегашниот момент. Раскажувањето и создавањето приказни се неразделив дел од човековата природа. Тоа ни помага да споделиме информација, да креираме емоционални врски и реченица по реченица да ѕирнеме во мистеријата на постоењето. Приказните го менуваат човекот, а луѓето, еден по еден, го менуваат светот… – споделуваат од Јадро.
Целта на работилница е учесниците да се впуштат во процесот на смислување, пишување и читање приказни, како и да го збогатат својот фонд на зборови и потечно да се изразуваат.

Работилницата е поделена на два дела, еден теоретски, со фокусот кон откривање на тајните на пишувачкиот занает низ читање во кој младите учесници ќе се запознаат со почетоците на книжевноста, магичната моќ на приказните и растегливоста на јазикот.
Вториот дел од работилницата е практичен, а младите низ вежби за креативно пишување ќе имаат можност да создадат и да осмислат своја приказна, користејќи ги откриените алатки од првиот дел на работилницата.
Марија Бошковска е дипломирана компаратистка на Катедрата за општа и компаративна книжевност. При нејзината работа како наставничка има стекнато искуство со онлајн предавања, преку кои е запознаена со предизвиците на дигиталното образование. Преку работата во издаваштвото и водењето на платформата за култура „Пиреј“, таа е запознаена со новите книжевни текови, состојбата на книжевноста и културата на ова поднебје. Има пишувано книжевни и филмски критики, интервјуа, анализи на популарната култура, бајки, академски и фикционални текстови, секогаш социјално ангажирани.
Ивана Смилевска е дипломирана компаратистка од Катедрата за општа и компаративна книжевност. Работи како новинарка, а пишува и проза. Во 2020 ја добива новинарската награда „Жан Моне“ за најдобра новинарска сторија, која ја доделуваат ССНМ и Делегацијата на ЕУ. Во 2022 ја добива новинарската награда „Светилник на невидливите“, која ја доделува Македонската платформа против сиромаштија. Истата година ја добива втората награда за најдобар краток расказ, која ја доделува весникот „Нова Македонија“. Пишува новинарски текстови од областа на образованието, културата и младите.