Диететските влакна се неопходни за здрав дигестивен тракт, а истражувањето на порталот „Хелти ливинг“ покажува дека повеќе од 90 отсто од жените и 97 отсто од мажите не добиваат доволно влакна во нивната исхрана. Истражувачите од универзитетот „Харвард“ сугерираат луѓето да консумираат помеѓу 10 и 15 грама влакна во просек дневно. Влакната се исто така неопходни за одржување на шеќерот во крвта, за здрав дигестивен систем и помагаат да се чувствувате сити.
– Диетата богата со влакна може да помогне да се намали ризикот од болести, да се зголеми ситоста за да се спречи безумното грицкање и да се промовира целокупното здравје. Постојат два вида влакна што му се потребни на телото: растворливи влакна и нерастворливи влакна. Двата вида се важни за нашето здравје. Растворливите влакна можат да помогнат во намалувањето на холестеролот и да го регулираат нивото на шеќер во крвта. Нерастворливите влакна можат да спречат запек – објаснува нутриционистката Меги Михалзик.
Според неа, клучот е да се јаде разновиден зеленчук, овошје, цели зрна, јаткасти плодови и семки.
– Жените на возраст над 14 години треба да добиваат најмалку 25 до 28 грама влакна дневно, додека мажите треба да се стремат кон 31 до 34. За да ги достигнете овие бројки треба да ја промените вашата исхрана. На пример, ако сакате сендвич за ручек, направете го со леб од цели зрна, кој има поголема содржина на влакна. Сличен принцип на замена користите и кога јадете тестенини, тортилји, кафеав ориз, крекери. Потоа, ако сакате да го започнете денот со грчки јогурт, зошто да не додадете малини, чиа-семе и бадеми. Овесната каша е и одличен појадок богат со влакна – советува Михалзик, која додава дека во менито треба да вклучите и лиснат зеленчук, цреши, моркови, краставици, грав, а да консумирате и големи количества вода.
Правилото на нутриционистката е дека треба да пиете еден литар вода на секои 10 грама влакна што ги консумирате за да постигнете апсолутна рамнотежа во вашата исхрана.