Книгата „Лирски патувања“ од Сузи Тенева, издание на „ПНВ публикации“, беше промовирана деновиве.
– Стихувани филозофски размисли што отвораат разни прашања за животот, своевидни никулци што поттикнуваат размисли на теми како што се: љубовта, радоста, растењето и созревањето, важноста на уметноста и убавината, патувањата, умешноста во комуницирањето, моќта на зборовите, себеспознавањето и поимањето на светот околу нас. Стихозбирка што се чита долго и бавно, со нужни паузи и со простор секој да се пронајде меѓу редовите и да ги пополни белините со своите размисли и доживувања – вели Јулијана Величковска за „Лирски патувања“.
Сузи Тенева дипломира на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје. Докторира на Институтот за филозофија на темата: „Гадамеровата херменевтика во естетиката на 20 век“. Се занимава со истражувања од областа на естетиката. Авторка е на делата: „Кантовото разграничување меѓу убавото и возвишеното“ („Аз-Буки“, 2011), „Мисли и зборови“ („Антолог“, 2014), „Простори на љубовта“ („Матица“, 2023) и „Лирски патувања“ („ПНВ публикации“, 2023).