Македонскиот народен театар со огромно жалење ја сподели веста за смртта на актерот Трајче Ѓоргиев, кој дипломира на Факултетот за драмски уметности – Скопје, на отсекот за актерска игра, во класата на Љубиша Георгиевски, во 1991 г. Дел е од МНТ повеќе од 30 години, започнувајќи од првата улога како Акаст во „Мизантроп“ (1989), преку вработувањето во 1998 г., до големиот број одиграни улоги. Во 2005 година ја режира и игра во петте пантомими за една глумечка претстава „Човекот“ од Марсел Марсо и со неа се стекнува со титулата магистер по пантомима на академијата за театар и филм „Натфиз“ во Софија, Бугарија. Дел е и од „Театар за пантомима“, летна школа на Кенјон колеџ, Гамбир, Охајо, 2008 г., а посетува и едногодишни специјалистички студии по пантомима во класата на Александар Илиев. Основач е и главен двигател на „Панфиз“, меѓународниот фестивал за пантомима и физички театар, фестивал што 16 години опстојува, ја анимира публиката, го поддржува и одржува овој жанр во театарската уметност и ги донесе кај нас некои од најдобрите светски пантомимичари.
– Тој е и ќе остане нашиот Густав во „Надвор од умот“ (1991), Пандар во „Троил и Кресида“ (1993), Ивковиќ во „Народен пратеник“ (1993), Чинели во „Јануари“ (1994), Спасе во „МКС“ (1995), Етјен во „Кројач за дами“ (1996), Сапорта Робесвјер во „Мисија“ (1998), Благоја Ќелавиот во „Немушт јазик“ (2000), Виргински во „Демони“ (2001), Силјан во „Писание“ (2002), Доктор Финаш во „Болва в уво“ (2007), Тетин Јаков во „Госпоѓа министерка“ (2009), Бу змијата во „Самовилско јајце“ (2011), Комесарот во „Подемот и падот на кабарето“ (2013), Фридрих Ниче во „Аферата Елсињор“ (2014), Степан Богданович Лиходеев во „Мајсторот и Маргарита“ (2015), Јанушек во „Прекината одисеја“ (2016), Бил Остин во „Мама миа!“ (2017) и Докторот во „Бесачи“ (2019). Настапува и во повеќе претстави за деца, кои се играле насекаде низ Македонија, па и таму каде што сѐ уште не дошол театар, и за него тоа претставува една благородна мисија во воспитувањето и културното образование на децата… – пишува во објавата на МНТ.