Во салата на домот на културата „Иван Мазов Климе“ која беше исполнета до последното место, синоќа беше промовирана книгата „Со солзи по патот на судбината“ од авторот Диме Ристов – Кана во издание на библиотеката „Феткин“ во Кавадарци.
Книгата е афтобиографија и донесеува несекојдневна трогателна приказна на едно мало детенце кое останува без семејство само затоа што неговиот татко по своите идејни убедувања сакал неговата Македонија да биде самостојна држава. Всушност идејата да ја напише книга се раѓа кога едно убаво есенско утро неговите внуци љубопитно го прашуваат за како го поминал неговото детство.
Приказната започнува во домот на семејството на Стефан и Рајна Андови во Неготиноно кои живеат во слога и хармонија заедно со трите сина, Лазо, Гоце и неговиот татко Александар. Неговиот татко бил многу интелигентен, снаодлив и уште како млад многу сакал да чита особено се што е напишано од истакнатите македонски дејци за историјата на Македонија. Тоа е причината да биде уапсен и осуден на смрт, но заедно со петмина истомисленици кои биле затворени со него успеал да избега од затворот по што шест месеци престојува во логор во Грција од каде се бега во Бразил и го остава своето семејство, бремената сопругата Менка која се пораѓа само неколку часа по неговото заминување и двата сина Диме и Ѓоке. Токму тогаш почнуваат животните патешествија на малиот Диме и неговото братче Ѓоке. По враќањето во Неготино мајка му секојдневно била приведувана на сослушување во кавадаречката полиција и наскоро, близнаците умираат во ист ден. Безизлезната ситуација, црнината од проклетата судбина како што вели авторот им носи тежок живот, тешко од потешко. Најпрвин го посинуваат помалото братче, а потоа и Диме во семејство во Кавадарци, каде повторно може да ја почуствува топлината на домот и родителската љубов.
Оваа автобиографска приказна на авторот раскажана со лесна нарација, елоквентно и концизно, се чита во еден здив и никого не остава рамнодушен. Така всушност протече и самата промоција многу емотивно уште во најавата на директорот на библиотеката „Феткин“ Петар Гурев и по проследувањето на извадоците од книгата кои ги презентираше Деспина Тодорова. Книгата на Диме Ристов – Кана всушност е само една трогателна приказна во низата на илјадници слични приказни на уништени семејства само заради идејата за самостојна Македонија. Медијаторот на промоцијата актерот Диме Коцевски во своето обраќање во книгата „Со солзи по патот на судбината“ гледа одлична основа за едно филмско сценарио од кое може да проеизлезе прекрасен игран филм. Ми.М.