Во големата сала на ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечерва, во 19.30 часот, ќе се крене театарската завеса и ќе започне 56-то издание на МТФ „Војдан Чернодрински“. На свеченото отворање ќе им бидат доделени наградите за животно дело на актерката Бедиа Беговска и на драматургот Русомир Богдановски. Честа први да настапат ја имаат актерите од МНТ, кои ќе ја изведат „Народен непријател“ од Хенрик Ибзен, во режија на Нина Николиќ.

На фестивалот во официјална конкуренција ќе бидат изведени уште седум претстави што ги избра селекторот д-р Иван Додовски. Утревечер настапуваат Драмскиот театар со „Се викам Горан Стефановски“ („My name is Goran Stefanovski“), во режија на Бранислав Миќуновиќ, и театарот „Војдан Чернодрински“ со „Декамерон“, според Бокачо, во режија на Мартин Кочовски.
Публиката во другите денови ќе ги гледа и „АртуроУи“ од Бертолт Брехт, во режија на Ќендрим Ријани, во изведба на Народниот театар од Битола, „Бракот на Марија Браун“ од Рајнер Вернер Фасбиндер, во режија на Драгана Таневска, во изведба на Народниот театар од Струмица, „Вишновата градина“ од Антон Павлович Чехов, во режија на Владимир Милчин, во изведба на Турскиот театар од Скопје, „Јазли“ од Рефет Абази, во режија на Куштрим Бектеши, во изведба на Албанскиот театар од Скопје и „Клетвата на Скотје“ од Нил Сајмон, во режија на Синиша Евтимов, во изведба на „Театар комедија“ од Скопје.

Селекторот д-р Иван Додовски посочува дека за фестивалот одбрал претстави што ги одразуваат сегашните дострели на македонскиот театар, кој и тематски и формално ги испитува можностите за соочување со нашата загрижувачка стварност.
– Избрав претстави од голем формат и со силен режисерски печат. Прави впечаток дека во редот на искусните режисери, како Миќуновиќ и Милчин, се приклучуваат и силни режисерски имиња од средната и од помладата генерација. Исто така, во овие претстави можат да се издвојат значајни актерски, драматуршки, сценографски, костимографски и композиторски остварувања. Официјалната програма на овој најзначаен домашен театарски фестивал во 2022 година ќе овозможи да се гледа театар што го премостува хијатусот на затворањата и стравот. Тоа е театар што нуди критички и отрезнувачки поглед кон самите нас – посочува д-р Додовски.
Претставите на фестивалот ќе ги оценува жирито во состав Љупчо Ѓорѓиевски – режисер, Идризи Бесфорт – актер и Сотир Трајков – театарски критичар.
Во следните денови на фестивалот ќе бидат изведени уште три претстави во придружна програма, а ќе се одржат и промоции на книги.

Ка.М.